Connect with us

Македонија

Министерството за спорт ја почна изградбата на спортска сала во Воената академија – инвестиција од 64 милиони денари

 Нов спортски објект ќе никне во срцето на Скопје. Министерството за спорт денеска го постави камен-темелникот за изградба на нова спортска сала во кругот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за спорт Борко Ристовски, кој истакна дека оваа инвестиција има повеќенаменска и општествена вредност.

„Ова не е само спортски објект, туку и училница за градење карактери. Салата нема да ја користат само спортистите и питомците, туку и учениците од училиштата во населбата Аеродром. Ќе биде отворена и за децата кои рекреативно се занимаваат со спорт“, изјави министерот Ристовски. 

Министерот  упати благодарност до Министерството за одбрана и министерот Мисајловски, како и премиерот Христијан Мицковски и Владата за поддршката, нагласувајќи дека без соработката со нив вакви проекти не би можеле да се реализираат.

„Оваа повеќенаменска инвестиција ја изведуваме во соработка со Министерството за одбрана. Рокот за изградба е 24 месеци, но ќе направиме напори објектот да се стави во функција што е можно побрзо“, додаде Ристовски.

Инвеститор на проектот е Министерството за спорт, а вкупната вредност изнесува 64.780.000 денари. 

Иако по завршувањето, спортската сала ќе биде дадена на трајно користење на Министерството за одбрана, таа ќе биде достапна и за ученици од општината Аеродром и за млади кои рекреативно спортуваат.

Министерот даде коментар и за актуелната ситуација поврзана со Олимпискиот комитет, истакнувајќи дека Министерството за спорт нема намера директно да се вмешува во неговата работа. Објасни дека Олимпискиот комитет е самостоен спортски субјект, како и дека јјаследат состојбата поврзана со младинските олимписки игри. „Дел од организацијата беше коректен, но за жал, процесот се исполитизира, на штета на претставувањето на државата“, рече тој.

Во однос на очекуваното преземање на спортскиот објект на УКИМ, Ристовски истакна дека Министерството е подготвено да започне со активности веднаш штом технички биде завршена документацијата. „Очекувам уште пред избори да стартуваме со активности и таму“, најави тој.

Запрашан за говорот на омраза на спортски натпревари, конкретно во Куманово, Ристовски апелираше за одговорно однесување.

„Како Министерство немаме директна ингеренција врз навивачките групи, но упатувам апел дека во Македонија нема место за такви скандирања. Ќе работиме на едукација – и на навивачите и на публиката – со цел спортот да остане позитивен и обединувачки“, порача министерот и дополни дека за конкретни случаи може само да соработува со МВР.

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје

По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.

Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг