Connect with us

Економија

„Фајнанс тинк“: Цените на храната веќе не ја подгреваат инфлацијата

market

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) го публикуваше го публикуваше го публикуваше ФТ Став бр. 66 за движењата кај цените, каде што нотира дека цените на храната веќе не ја подгреваат инфлацијата, туку дека таа сега е резултат на засилена домашна побарувачка и високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. „Фајнанс тинк“ смета дека наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања,

„Притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Затоа, носителите на политиките треба да се повлечат/воздржат од интервенции кај цените на храната – кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни – и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката, ги вкотвуваат инфлациските очекувања и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите“, се вели во Ставот за движење на цените на „Фајнанс тинк“.

Притоа се додава дека во вакви услови, фискалната политика мора да биде прецизно насочена и дисциплинирана.

„Наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица на кои им се потребни социјални услуги – со мерки што не ја нарушуваат пазарната динамика на цените. Особена внимателност е потребна во предизборен и изборен период“, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Истовремено, монетарната политика треба јасно да сигнализира дека борбата со инфлацијата останува врвен приоритет. Во услови кога растот на платите и цените на услугите покажуваат знаци на трајност, инфлацијата станува “леплива”, односно тешко се повлекува, како што е евидентно сега. Затоа, Народната банка мора да биде подготвена да ја задржи или, ако стане потребно, заостри рестриктивната поставеност – бидејќи долгорочната стабилност на цените е клучна за економската доверба и заштита на реалната вредност на приходите на граѓаните, сметаат од „Фајнанс тинк“.

Во објавениот став се наведува дека според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата во месец јули 2025 изнесува 4.8% на годишно ниво и 1.1% на месечно ниво. Со тоа, инфлацијата го продолжи забрзувањето коешто беше присутно и во претходните месеци,

Сепак, како што се додава, прегледот на податоците за движењето на цените на храната, покажува дека движењето на вкупната инфлација не е главно водено од движењата кај цените на храната. Месечниот индекс на цените на храната има не-растечки тренд, којшто не е доволно воочлив поради значајната варијабилност, но е присутен. Варијабилноста произлегува од периодите на замрзнување на цените и/или маржите, во кои месечниот индекс забележува пад, но тој пад е проследен со остар раст веднаш по завршувањето на важноста на мерката. Како што покажавме во Бриф за политиките бр. 71: Има ли ефект од мерките за ограничување на цените на храната?, ефектот од ваквите мерки е краткорочен и реверзибилен, што значи дека намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира скоро во целост со раст на цените кој настанува по истекот на мерката. Според тоа, укажавме дека потпирањето врз вакви мерки треба да се напушти, велат од „Фајнанс тинк“.

Од таму додаваат дека во склоп на групата храна, најголем годишен раст има кај овошјето (6.3%) и кај рибата и морските плодови (5.6%), додека кај сите останати компоненти растот е посмирен или негативен како кај маслата (-1.5%) и шеќерите (-2.2%). Кај овошјето, веројатно се работи за помало домашно производство, ако се земе предвид дека во првото полугодие годинава извозот на овошје се намалил за 62% според количински показатели. Од друга страна, увозот пораснал за 13.9% количински и 23.3% вредносно, што укажува дека овошјето од увоз доаѓало по значајно повисоки цени, а условите на домашниот пазар веројатно овозможувале и зголемување на трговските маржи. Состојбата кај зеленчукот е поповолна, бидејќи и домашното производство било поповолно, и увозните цени биле слични како и во споредбениот период.

Оттука, сега, притисокот врз цените не доаѓа од страната на цените на храната, за што говорат уште неколку показатели.

„Цените на сите останати производи и услуги, освен на храната и енергијата, растеле во јули 2025 година побрзо од порастот кај вкупните цени (кои ги вклучуваат цените на храната и енергијата). Ако се земе предвид дека ценовните притисоци кај енергентите беа надолни, тогаш графиконот потврдува дека притисокот врз вкупните цени не доаѓа ниту од страна на храната“, се вели во објавениот Став на „Фајнанс тинк“.

Понатаму се укажува дека кога ќе се исклучи непроцесираната храна, односно: свежо и замрзнато месо, jajцa, риба и морски плодови, овошје и зеленчук, тогаш цените растат помалку (1.4%), отколку кога индексот ја исклучува и процесираната храна (1.9%), која вклучува леб, сирење, масла, процесирано месо, џемови и чоколада. Тоа укажува дека процесираната храна има релативно помал пораст на цените, па кога и таа ќе се исклучи, во индексот остануваат само ставки со повисок пораст на цени (на пр., услуги), што го “зголемува” индексот. Ако се има предвид дека значаен сегмент од процесираната храна доаѓа од увоз, тогаш може да заклучиме дека нема доминантен притисок врз цените кој доаѓа од глобалниот пазар.

Каде треба да се бараат причините за релативно високата и перзистентна инфлација?

Во Ставот се дава приказ на месечниот раст на компоненти од индексот на трошоците на живот кој надминува 2%, односно кој двојно ја надминува вкупната месечна инфлација. Забележливо, овој раст е евидентен кај цените во рестораните и кафулињата (28%), туристичките аранжмани (26.6%) и услугите за сместување (14.6%), како и кај цените на останати производи и услуги кои имаат релативно пониски стапки. Иако на прв поглед растот кај цените на туристичките аранжмани и сместувањето може да е значајна сезонска флуктуација, овие услуги се на врвот на листата гледано и според годишната промена кај цените (84.1% и 29.8%, соодветно). Оттука, се чини дека сезоната не игра важна улога.

Според тоа, се чини дека главен двигател на цените во јули 2025, како и во претходните месеци, е интензивираната побарувачка, како и сe’ уште недоволно вкотвените инфлациски очекувања, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

На пример, во првиот квартал годинава, потрошувачката на домаќинствата растеше скоро двојно побрзо од просекот во 2024 година, главно потпомогната од високиот реален раст на платите (8.8% во 2024 и 6.6% во првите пет месеца годинава) и високиот номинален (и реален) раст на пензиите, кои по кумулативниот раст од 5,000 денари месечно за секој пензионер, денес во просек се повисоки за скоро една четвртина во однос на нивото во истиот период лани.

Во однос на реалните плати, вредно е да се обележи дека со исклучок на неколку месеци во 2022 година, нивниот раст остана позитивен (над нивото на инфлацијата) долж целиот изминат период. Сличен е заклучокот и кога се анализира буџетскиот трошок за плати и надоместоци во јавната администрација: тој следеше континуиран годишен раст и во 2024 (10.4%) и во 2025 (6%) (прво полугодие, номинално).

Незанемарливо забрзување на растот е евидентно и кај потрошувачките кредити на населението (на 10% во јуни 2025 во однос на 6% во јуни 2024). Додека, прометот во трговијата со храна, пијалаци и тутун во јуни 2025 забележа експлозивен раст од 22.5%, што е висок раст дури и ако се земе предвид ниската стартна основа во истиот месец лани, се вели во Ставот на „Фајнас тинк“ за движењата кај цените.

Извор: nezavisen.mk

Advertisement

Економија

Николоски: Владините политики во авиосообраќајот носат конкретни резултати

Политиките на Владата во областа на авиосообраќајот веќе даваат мерливи резултати, при што Скопје се позиционира како апсолутен лидер во регионот за првиот квартал од 2026 година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Според официјалните податоци, во периодот јануари–март 2026 година, скопскиот аеродром нуди дополнителни 316.528 седишта во споредба со истиот квартал од 2025 година, што претставува значаен раст на авиокапацитетите и зголемена поврзаност на државата со европските и светските дестинации.

Николоски нагласи дека овој раст е резултат на стратешките мерки за привлекување нови авиокомпании, отворање нови линии и зајакнување на конкурентноста на македонските аеродроми, со директен позитивен ефект врз туризмот, бизнисот и економскиот развој на државата.

Continue Reading

Економија

Македонија меѓу лидерите во енергетските реформи, извештај на Енергетската заедница

Македонија заедно со Србија и Молдавија бележат најголем реформски моментум, регистрира Енергетската заедница за сработеното во 2025 година кога енергетиката е во прашање.

Во најновиот Годишен извештај на Енергетска заедница во кој се мониторира имплементацијата на реформите во земјите членки се нотира дека „Северна Македонија и Србија докажаа дека може да се постигне ефикасно спроведување на законодавството на Европската унија за интеграција на пазарите на електрична енергија, како и координативно работење и управување со системите во насока на обезбедување на сигурност во снабдувањето и ова е поткрепено со нивниот видлив напредок во реформите на пазарот на електрична енергија“, соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Во делот посветен на (РКЕ) од Виена ја потенцирале проактивноста на регулаторот во спроведување на Законот за енергетика и мониторинг врз усогласеноста со раздвојувањето.

– Во извештајот е нотирано спроведувањето на законски утврдените надлежности во поглед на мониторинг на раздвојувањето и регулаторно делување преку одобрување тарифи за пренос и дистрибуција, годишни планови за одржување за МЕПСО, ОПС и дистрибутивните компании, како и Развојниот план за период од пет години за ОДС. Мрежните правила за дистрибуција на гас се усвоени – појаснуваат од РКЕ.

Посебен дел во Годишниот извештај е посветен за законодавството и правилата кои значат јакнење на отпорноста и менаџирањето на сајбер ризиците.

– Правила за Сајбер безбедност, усвоени од РКЕ се спроведуваат од јуни 2023 година. РКЕ одобри инвестиции за претпријатија за да се започне спроведувањето на ISO 27001 стандард – се наведува во извештајот каде било регистрирано и формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација, како и усвојување на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.

Енергетската заедница оценува дека практичното спроведување на мрежните правила, транспарентното доделување на капацитети и транспонирањето на новите регулаторни рамки – се најголемите предизвици за земјите членки на Енергетската заедница но и за Европска Унија воопшто. Сепак, велат од РКЕ, спроведувањето на мрежните правила на цела територија на ЕУ до август 2026 година се очекува да биде силен поттик за интеграција на регионалните пазари.

Continue Reading

Економија

Рекорд на пазарот на недвижности: Во Дубаи продаден пентхаус за над 127 милиони евра

Дубаи повторно ги помести границите на луксузот на глобалниот пазар на недвижности, откако беше продаден најскапиот пентхаус на Блискиот Исток за 550 милиони дирхами, што изнесува околу 150 милиони долари, односно 127,7 милиони евра. Ултралуксузната резиденција се наоѓа во комплексот „Бугати Резиденс“, пренесува агенцијата „Анадолу“.

Со оваа трансакција е поставен и рекорд по цена на квадратен метар во реонот Бизнис Беј, која достигнува околу 27.000 евра. Продажбата ја реализирал главниот директор за продажба на компанијата „Бингати“, Абдула Бингати.

Претседателот на „Бингати“, Мухамед Бингати, изјави дека компанијата годинава го предводи пазарот на недвижности во Дубаи, со повеќе од 14.000 продадени станбени единици, оставајќи ги зад себе и јавните и приватните конкуренти.

Тој посочи дека „Бингати“, како еден од најбрзорастечките инвеститори, веќе се вбројува меѓу трите водечки компании на пазарот, со значителен удел според податоците на Одделот за земјиште во Дубаи.

Продадениот пентхаус се простира на 4.385 квадратни метри и е дел од „Бугати Резиденс“ – првиот станбен проект во светот што го носи брендот „Бугати“. Комплексот веќе привлече и светски познати личности, меѓу кои фудбалерот Нејмар, тенорот Андреа Бочели и дефанзивецот Ајмерик Лапорт, кои купиле резиденции во рамките на проектот.

Сместен во срцето на Бизнис Беј, комплексот комбинира француски дизајн со современиот урбан дух на Дубаи и овозможува близина до клучните деловни зони и градски знаменитости. Резиденциите нудат висок степен на приватност, ексклузивни погодности и таканаречени „скај меншн“ пентхауси.

Од „Бингати“ оценуваат дека оваа рекордна продажба дополнително ја зацврстува позицијата на Дубаи како светски центар за ултралуксузни недвижности. Компанијата располага со портфолио од над 80 проекти, вредни повеќе од 70 милијарди дирхами, и соработува со глобални брендови како „Бугати“, „Мерцедес-Бенц“ и „Џејкоб и Ко.“, при што има кредитен рејтинг BB- од „Фич“ и Ba3 од „Мудис“.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг