Зеленски во Лондон пред средбата Трамп–Путин

Британскиот премиер Кир Стармер утрово во Даунинг стрит го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека Европа со внимание го очекува исходот од претстојните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, закажани за петок на Алјаска.

Средбата доаѓа по најавата на Стармер дека Велика Британија е подготвена да го зголеми притисокот врз Русија доколку биде потребно. Истовремено, Трамп ѝ се закани на Москва со „тешки последици“ доколку Путин одбие примирје.

Загриженост предизвика одлуката украинскиот претседател да не биде поканет на разговорите меѓу Трамп и Путин. Стармер и европските лидери, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, повеќепати истакнаа дека расправите за Украина не треба да се одржуваат без нејзино учество.

Трамп, кој претходно предложи примирје што би можело да вклучи и „размена“ на територии, изјави дека по средбата со Путин можно е да се одржи и посебен состанок со Зеленски. Се верува дека еден од условите на Москва е Украина да се откаже од делови од Донбас кои сè уште ги контролира, што Киев категорично го одбива, повикувајќи се на неповредливоста на меѓународно признатите граници.