Хамас го прифаќа арапскиот предлог за примирје во Газа

Хамас објави дека го прифатил новиот предлог од арапските посредници за прекин на огнот во Газа, каде што бројот на палестински жртви надмина 62.000 за време на 22-месечната војна. Израел засега не ја промени својата позиција и најавува продолжување на операциите.

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнеж во преговорите, барајќи Хамас да биде „соочен и уништен“ пред ослободување на заложниците. Израел, пак, разгледува планови за повторно заземање на градот Газа и други густо населени области, што дополнително ја влошува хуманитарната состојба.

Египет и Катар посредуваат во разговорите, со предлог за 60-дневен прекин на огнот, делумно ослободување на заложници и преговори за траен мир. Според египетски извори, новата понуда е слична на претходниот американски план, кој Израел го имаше прифатено.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека војната ќе продолжи сè додека не се вратат сите заложници и Хамас не биде разоружан, а Израел не воспостави трајна безбедносна контрола во Газа. Хамас инсистира дека ослободувањето на преостанатите заложници е можно само со траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили.

ОН и независни експерти ги сметаат бројките на Министерството за здравство на Газа за најверодостојни, иако Израел ги оспорува. Половина од жртвите се жени и деца.