Connect with us

Економија

Конференција што ја обликува иднината: Скопје повторно центар на иновациите во е-трговијата во регионот

На 4 ноември 2025 година, Скопје повторно ќе биде центарот на е-трговијата на Балканот. Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), на 4ти ноември ќе се одржи 8. Регионална конференција за е-трговија, во просториите на Националната опера и балет. Овој настан ја претставува најголемата и највлијателна конференција од ваков тип во регионот, која веќе осум години по ред ги поврзува најрелевантните чинители од индустријата.

Конференцијата, која трета година по ред има регионален карактер, минатата година собра 742 учесници од целиот Балкан. Оваа година се очекува уште поголема посетеност, што говори фактот дека интерес за конференцијата оваа година во рана фаза се покажува од целиот регион и повеќе од 300 учесници веќе го потврдија нивниото присуство во рана фаза.

Осмото издание на оваа конференција носи и неколку новитети. Првпат, конференцијата ќе се одвива на две сцени, од кои едната ќе биде фокусирана на главни говори, панел дискусии и разговори еден на еден, а другата на практични работилници. Оваа година конференцијата се проширува и тематски, па покрај е-трговијата, фокусот ќе биде и на маркетингот и вештачката интелигенција (AI) кои се клучни во развојот на дигиталната трансформација и е-трговијата, што значително го зголеми интересот кај компаниите и професионалците од регионот и пошироко.

„Очекуваме над 800 учесници од бизнис секторот од Македонија и од земјите од регионот. Веќе се потврдени говорници од глобални компании како TikTok, Booking, Direct Media и Dolce & Gabbana, а во тек се активни преговори со други светски познати брендови. Интересот од компаниите за учество, партнерство и присуство е поголем од било кога досега, а тоа посебно не радува бидејќи уште еднаш се покажа дека овој настан покрај што е препознаен како најголем бизнис настан во Македонија – истиот е високопосакуван и препознатлив и од целиот регион.” – велат организаторите.

Конференцијата ќе понуди инспиративни говори и реални примери од глобалната и регионалната сцена, како и дискусии за иднината на е-трговијата, маркетингот и примената на AI во секојдневното работење. За подобро поврзување помеѓу учесниците, повторно ќе биде достапна мобилната апликација за однапред закажување индивидуални состаноци. Во рамки на настанот ќе биде поставена и експо зона за промоција на новите производи и услуги на партнерите, како и можности за директен контакт и соработка со компании, стартапи, инвеститори, регулатори и институции.

Овогодинешната конференција е поддржана од Visa како платинум партнер, Халкбанк како стратешки партнер, Корпа како партнер за храна и достава, Brainster како AI партнер, A1 како дигитален партнер, а Ananas и Casys се вклучени како златни партнери. Сребрени партнери се Комерцијална банка, IUTE, Филип Морис Интернационал, Сава пензиско друштво, Гранд Скопје, Public Cloud Group и Wolt, заедно со повеќе бронзени партнери.

Регистрацијата за оваа конференција може да се направи преку официјалната веб-страница: https://ecommerceconference.mk.

Наскоро ќе бидат објавени и повеќе детали за агендата и говорниците. Конференцијата веќе најавува незаборавно осмо издание кое не само што ќе ја трасира патеката за развојот на е-трговијата во регионот за 2026 и понатаму, туку и ќе инспирира со конкретни идеи и партнерства што ќе го движат регионот напред.

Advertisement

Економија

Шведскиот мебелски гигант ја затвори вратата: ИКЕА засега не доаѓа на македонскиот пазар

Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на брендот ИКЕА, соопшти дека во моментов не постојат конкретни планови за отворање продавници во Македонија, со што ги демантираше информациите што неодамна се појавија во дел од домашните медиуми за можен влез на компанијата на пазарот.

Од групацијата нагласуваат дека постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот, како на постојните така и на нови пазари, со цел да бидат поблиску до што поголем број потрошувачи. Сепак, како што наведуваат, до овој момент не е донесена одлука за инвестирање и отворање продажни капацитети во Северна Македонија.

„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за раст, но заклучно со денес нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во официјална изјава.

Во регионот, ИКЕА веќе има воспоставена мрежа на продавници и е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, што на македонските потрошувачи им овозможува пристап до брендот преку соседните пазари.

Continue Reading

Економија

Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.

Continue Reading

Економија

Бакарот на чекор до нов рекорд: Берзите бележат најсилен раст по финансиската криза

Цената на бакарот продолжува со силен нагорен тренд и се доближува до историското ниво од 12.000 долари за тон, заокружувајќи една исклучително турбулентна година на светските берзи. Пазарните движења се одвиваат во услови на засилени геополитички тензии, но и рекордна побарувачка за индустриски метали.

Податоците од Лондонската берза на метали покажуваат дека бакарот е на пат да го оствари најголемиот годишен раст од 2009 година наваму, што дополнително го зголемува интересот кај инвеститорите и индустриските потрошувачи.

Аналитичарите посочуваат дека растот е резултат на повеќе фактори. Глобалната понуда е ограничена, залихите се на ниско ниво, а рударското производство не успева да одговори на зголемената побарувачка. Истовремено, трговските тензии и неизвесноста на меѓународните пазари поттикнуваат забрзано купување на суровини.

Дополнителен притисок врз цената создава и забрзаната енергетска транзиција. Бакарот е еден од клучните метали за електричните возила, обновливите извори на енергија и модерната електроинфраструктура, што го прави незаменлив во процесот на декарбонизација.

Инвеститорите остануваат оптимисти и сметаат дека светската економија допрва влегува во долгорочен „супер-циклус“ на побарувачка на бакар, поттикнат од зелените политики и технолошките промени кои во голема мера зависат од овој метал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг