Connect with us

Економија

„Зелениот шампион“ ја менува играта: Норвешка и нејзината потрага по чиста енергија од мали хидроцентрали

Снежни планини, смрзнати езера и домови кои се греат со топлински пумпи што непрекинато ја цицаат електричната енергија од мрежата. Од истата струја се снабдуваат и електрични возила, чија бројка континуирано расте и ако во 2023 година 82.4% од сите нови возила биле електрични, во 2024 година таа бројка се искачила на 88.9 %. Ова слика го ислустрира и континуираниот раст на потрошувачка на енергија во Норвешка, чии жители се гордеат дека над 90% од нивната струја е најчистата енергија која Европа ја познава. Норвешкиот енергетски систем се потпира на големите хидроцентрали, но таа чиста енергија им носи и ранливост. Особено во долгите зими затоа што акумулациите се празнат побрзо од очекуваното.

Растот на електрични возила и пумпи за греење само ја зголеми потрошувачката до ниво кое ги принуди да бараат и нови извори.

Во февруари 2025 година, норвешкиот парламент направи чекор што изгледаше незамислив: дозволи изградба на мали хидроцентрали (МХЕ) дури и во реки со највисок степен на заштита, но само кога општествената корист е значајна. Владата ја оправда оваа одлука со јасни аргументи дека ќе обезбеди дополнителни 0,8 TWh сигурна енергија за зимските месеци, како и заштита од поплави и отворање нови извори на приходи за руралните заедници.

Реакциите од еколошките организации не изостанаа. Тие предупредија дека токму овие реки се дом на некои од последните здрави популации на локалниот лосос. Сепак парламентот не се повлече од одлуката.

Во август–септември 2024 година, Norsk Hydro најави реализација на проектот Illvatn pumped storage во регион во западна Норвешка, сместен во областа на Согнефјорд – најдолгиот и еден од најводоизобилните фјордови во Европа. За разлика од класичните мали хидроцентрали, овој проект претставува пумпна складишна електрана, односно систем што ги користи постоечки резервоари и канали за складирање на енергија. Во периоди на ниска потрошувачка водата се пумпа во „горен“ резервоар, а кога системот е под притисок таа се пушта назад низ турбини и произведува струја. Со капацитет од 84 GWh складирана енергија, оваа електрана ќе обезбеди стабилност и флексибилност во мрежата, особено во услови на растечка потрошувачка од топлински пумпи и електрични возила. Почетокот на изградбата е планиран за 2025 година, а пуштањето во употреба се очекува во периодот 2028–2029.

Паралелно, на 29 август 2024 година, во округот Агдер ја пуштија во употреба малата хидроцентрала Flateland – проект со годишно производство од околу 47 GWh, што е доволно за снабдување на сите домаќинства во општината Биркенес и уште 500 дополнителни домови. Flateland се реализираше предвреме и во рамките на буџетот, но она што го прави посебен е инклузивниот пристап. Тука локалните сопственици на земјиште, инвеститорите и општината работеа заедно, креирајќи модел на партнерство што може да биде пример за идни мали хидропроекти. Ова покажува дека малите хидроцентрали не мора нужно да бидат извор на конфликт, туку можат да станат двигател на локален развој кога се базираат на доверба и транспарентност.

Норвешка со овие чекори испраќа важна порака дека и „најзелениот“ енергетски систем мора постојано да балансира меѓу зачувување на природата и сигурно снабдување со електрична енергија и енергетската независност. Покажува и дека клучот лежи во комбинацијата на паметни складишни решенија и локално насочени мали централи.

Иако е земја со најстроги еколошки критериуми, ја отвори вратата за технологиите за искористување на хидропотенцијалот што покажува дека малите хидроцентрали се кредибилна опција за општественото добро.

Решението – внимателно дизајниран закон

Изградбата на малите хидроцентрали во заштитените подрачја се уредува со внимателно осмислен закон кој треба да обезбеди заштита на животната средина и биодиверзитетот во и околу реката. Ссекој проект мора да мине двојна јавна расправа, студија за влијанија врз животната средина и автоматски мониторинг на биолошкиот минимум. Штом нивото на реката падне, турбините престануваат со работа. Дополнително, критериумите за „значајна општествена корист“ бараат проектот да обезбеди барем две придобивки – било тоа да е енергија за зимските месеци, заштита од поплави, локални приходи или искористување на веќе постоечки водни канали.

Норвешка со ова испраќа важна порака: дури и најзелениот енергетски систем мора постојано да балансира меѓу зачуваната природа и сигурното снабдување со струја.

Македонија на крстопат меѓу „зеленото“ и енергетската независност

Паралелата со Македонија е повеќе од очигледна. Земјава има огромен хидропотенцијал, но делумно неискористен и оптоварен со контроверзии. Во последната деценија, малите хидроцентрали кај нас станаа симбол на судир меѓу инвеститорите и локалните заедници, особено поради проекти во заштитени подрачја. Дел од нив се уште предизвикуваат протести и тензии.

Дали прецизна дефиниција на јавниот интерес, строги критериуми и транспарентност на секое ниво може да ја насочи дебатата кон кога и под кои услови малите хидроцентрали носат вистинска општествена корист?

Потрагата по зелени извори на енергија не ја прават Норвешка „зелениот шампион“. Тоа се заштитените природни зони со шумите и водотоците и чистиот воздух. Сепак, со новите правила Норвешка призна дека иднината на енергетиката бара постојана адаптација. Хидропотенцијалот не е само бројка во мегавати, туку алатка која мора да се вклопи во поширока визија за енергетска независност и сигурност, одржлив развој и довербата на граѓаните. Само тогаш малиот мегават ќе може да носи голема корист.

Економија

Најбарани професии во ЕУ – продажба, маркетинг и производство

Според податоците на Евростат за минатата година, најголема незадоволена побарувачка за работна сила во Европската унија имало во професиите поврзани со продажба, маркетинг и производство. Ова укажува на можни тешкотии за работодавачите при регрутирање на персонал во овие сектори.

Според експерименталната статистика, составена делумно преку податоци од онлајн огласи за работа, највисоки стапки на слободни работни места биле забележани кај работници во производство и помошни канцелариски работници, со стапка од 7,3% секое. Следуваат други работници во продажба со 6,1% и уметнички, културни и кулинарски соработници со 6%.

Дополнително, околу 5,8% од непополнетите позиции се однесувале на работници во транспорт и магацини, 5,7% на менаџери за малопродажба и големопродажба, 5,4% на агенти за бизнис и услуги, 5,2% на оператори на постројки и машини и 5% на инженерски професионалци, со исклучок на електротехничките профили.

Евростат истакнува дека иако здравствените работници и наставниците, како и други занимања во јавниот сектор, исто така може да се соочат со тешкотии при регрутирање, тие поретко се рекламираат онлајн, па затоа во податоците се рангирани пониско. Од друга страна, ИТ професиите може да бидат претставени со поголема застапеност во онлајн огласите за работа.

Continue Reading

Економија

Хрватска ги менува правилата за странски работници – еве колку дозволи има за Македонците

Хрватска воведува нови услови за вработување на странски државјани со цел подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и спречување на нелегалните практики. Измените на Законот за странци воведуваат построги здравствени критериуми и барање за познавање на хрватскиот јазик, информира ХРТ.

Граѓанин на трета земја, како Македонија, за прва дозвола за привремен престој ќе мора да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Исто така, познавањето на хрватскиот јазик се смета за основа за интеграција на странските работници, а државниот секретар Иван Видиш посочи дека и покрај кофинансираното учење јазици од Европскиот социјален фонд, интересот кај работниците е слаб.

Хрватска годинава издаде над 11.000 работни дозволи за граѓани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека во последните две години се создадени 100.000 нови работни места, а бројот на невработени паднал на 81.000, што го покажува ефектот од активната политика за вработување.

Министерот за труд Марин Пилетиќ додаде дека во земјата моментално има околу 140.000 странски работници, а измените на законот ќе го намалат бројот на нови дозволи, додека ќе се зголеми значењето на оние кои веќе се наоѓаат во Хрватска.

Претседателот на GSV, Иван Мишетиќ, посочи дека во наредните пет години ќе бидат потребни над 100.000 работници од странство поради планираниот раст и пензионирањата, бидејќи домашниот пазар не може да го задоволи овој раст.

Continue Reading

Економија

Од вечерва нова цена на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,60% во однос на одлуката од 18.12.2025 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,631%, кај дизелот за 4,633%, кај екстра лесното масло за 3,987% и кај мазутот зголемувањето е за 0,223%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1645%.

Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар);
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар);
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар);
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар);
– Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм).

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг