Македонија бележи значителен напредок во сигурноста на енергетското снабдување и интеграција на енергетските пазари во 2025 година во споредба со лани, покажува најновиот Годишен извештај за имплементација на Енергетската заедница за 2024 и 2025 година. Степенот на исполнување на обврските во областа „сигурност во снабдување“ е зголемен од 21% во 2024 година на 41% во 2025 година, а во областа „пазари и пазарна интеграција“ соодветно од 54% на 61%. Извештајот преку споредбата на состојбите во двете години го илустрира реалниот напредок.
Евидентно е дека државата прави крупни чекори напред во гасификацијата и трговијата со струја. Највидливи поместувања има во делот на пазарот на електрична енергија. Вкупната оценка за секторот електрична енергија расте од 48% во 2024 година на 62% во 2025 година. Додека најмногу внимание привлекува напредокот на пазарот на малопродажбата, каде што степенот на имплементација скокнал од 49% на дури 83%. Ова укажува на тоа дека правилата за конкуренција, пристапот на крајните потрошувачи и отворањето на пазарот за нови понудувачи се движат во позитивна насока. Подобрена е и сликата кај раздвојувањето на активности поврзани со електричната енергија од 84% на 91%, како и кај пристапот до електроенергетскиот систем, кој расте од 86% на 89%.
Позитивната вест во овогодинешниот пресек доаѓа и од секторот за сигурност во снабдувањето. Ако во 2024 година земјата имаше имплементација од скромни 21%, во 2025 година тој процент е речиси двојно зголемен и изнесува 41%. Ова е средна оценка за која предвид е земена сигурноста во снабдувањето со електрична енергија, каде бележиме раст од 29% на 36% , додека кај нафтата има благ пад од 48% на 41 %.
Она што во сигурноста на снабдувањето привлекува најмногу внимание е гасот, кој лани беше оценет со нула проценти (0%), а годинава скокна на 47%. Ова е јасен сигнал дека државата почнала посистематски да се подготвува за нови извори и рути на снабдување со гас. Односно, отпочнување на активностите за грчко–македонската интерконекција, која треба да ја зајакне физичката поврзаност на нашиот пазар и да внесе поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас, придонесуваат Македонија практично да се отвори кон регионалните извори на природен гас.
Во областа на декарбонизација на енергетскиот сектор напредокот е постепен и ограничен. Односно, општата оценка расте од 49% на 50% и зголемен е степенот на имплементација на обновливите извори на енергија од 48% на 51%, со особено подобрување кај гаранциите на потекло од 40% на 60%, што е важно за следење и препознавање на „зелената“ енергија. Мерките за енергетска ефикасност, пак, ја подобруваат својата оцена од 66% на 68%, а целите за енергетска ефикасност до 2030 година и политичките мерки се оценети повисоко од 69% на 74%.
Општиот впечаток од Извештајот е дека институциите се подготвени во спроведувањето на политиките во енергетскиот сектор и напредок бележат регулаторниот орган, органите за конкуренција и државна помош, како и Државниот завод за статистика кој доби високи 92%.
Македонија гради посигурен, поотворен и попазарно ориентиран енергетски систем, со силни поместувања во сигурноста на снабдување и функционирањето на пазарите на електрична енергија.