Connect with us

Македонија

Кедев: Стојам зад сè што кажав – има неправилности и мора да се расчистат

Кардиологот Сашко Кедев изјави дека целосно стои зад своите тврдења за злоупотреби при кардиохируршки интервенции, потенцирајќи дека неговата мотивација е расчистување со неправилностите во здравствениот систем.

„Стојам комплетно зад тоа што го кажав во врска со злоупотребите при кардиохируршки интервенции. Тоа го имам кажувано многупати и порано, пред други здравствени авторитети. Овој пат покрена лавина на реакции, јавноста многу се наелектризира, што е исправно. Основната моја мотивација за сето ова е да расчистиме со неправилностите таму каде што можеме“, изјави Кедев во гостување на „Вечерното шоу со Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа.

Тој оцени дека здравствениот систем овој пат реагирал соодветно, преку формирање комисија која ги анализира случаите доставени до Министерството за здравство од лекари на Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија.

„Сведоци сме на невидено инвестирање во здравството. Во моментов има досега највисок буџет за здравство, но за жал не можеме да ги видиме бенефитите од тоа. Суштината е да се воведе контрола во здравствениот систем што ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните и да се спречат неправилностите. Тие неправилности не се од сега, датираат многу години наназад. Јас сум ги отворал многу пати, но никогаш не сум наидувал на поддршка. Овој пат има огромна поддршка и од јавноста и од институциите, што е многу позитивно. Сегашниот министер за здравство е најмалку инволвиран во ова и воопшто нема врска со овие работи. Се надевам дека формирањето на комисијата од домашни експерти во рамки на МЗ, меѓународната комисија и Лекарската комора, ќе дадат голем придонес да се расчисти сето ова, јас сум оптимист и мислам дека ќе направиме позитивен импакт во оваа сфера“, рече Кедев.

Тој додаде дека треба да се направат соодветни проверки и во јавното и во приватното здравство, а резултатите на комисијата да се евалуираат од меѓународни експерти.

„Мислам дека сме на добар пат. Најважно е да ја воведеме контролата и да го подобриме системот, а ова да биде иницијален стимул за тоа“, нагласи тој.

Кедев посочи дека сознанијата не се само негови, туку заеднички на 16 лекари – интервентни кардиолози и кардиохирурзи:

„Можеби најмалку од овие случаи дошле во контакт со мене директно, најголем дел индиректно, кај колеги кои ме консултирале. Заеднички сме констатирале неправилности. Нашата професија е егзактна и лесно е да се види дали има или нема потреба од нешто. Често работиме во сива зона – кога може, но и не мора да се направи нешто. Суштината е, според медицински базирани докази, многу често не треба да се прави ништо, треба да се применува конзервативен пристап, пациентите да се советуваат за соодветен животен стил, здрава исхрана и оптимална медикаментозна терапија под контрола на лекар специјалист. Сигурно има случаи каде е неопходен најагресивен кардиохируршки третман, но треба да имаме систем кога ќе му го препорачаме тоа на пациентот тоа да е најдоброто нешто за него.“

Во однос на можноста да се докажат злоупотребите, Кедев посочи дека постои јасна разлика меѓу „сива зона“ и „сигурна зона“ каде интервенција не е потребна:

„Треба да се направи дистинкција во однос на неправилностите. Има сива зона во која може и едно и друго. Но, имаме и зона во која знааеме дека не треба ништо да се прави и тоа многу цврсто е докажливо со документацијата што ја имаме. Работиме со ангиографски филмови, целата процедура се снима и тие докази може да ги евалуираат само компетентни експерти – интервентен кардиолог или кардиохирург.“

Advertisement

Македонија

Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.

Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.

Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.

Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.

Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.

„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.

Continue Reading

Македонија

Филипче денеска го соопштува новиот партиски врв на СДСМ

оцијалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.

Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.

Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.

Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.

„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.

Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.

„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.

На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.

По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.

Continue Reading

Македонија

Среќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците

Во пресрет на најубавите денови од годината, Општина Штип испраќа порака со хуман гест кој предизвика вистинско внимание во јавноста. Локалната самоуправа одлучи да го осветли празничниот дух на 100 пензионери со најниски примања, доделувајќи им еднократна финансиска помош од 6.000 денари.

Оваа мерка, вткаена во Програмата за социјална заштита за 2025 година, не е само бројка, туку искрена заложба за празниците. Преку прецизна селекција во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, помошта ќе заврши директно во рацете на најранливите. Штип уште еднаш докажа дека вистинската магија на празниците не е во украсите, туку во грижата, солидарноста и подадената рака тогаш кога е најпотребно.

Општина Штип го започнува спроведувањето на Програмата за социјална заштита за 2025 година со конкретен чекор – финансиска инјекција за нагрозените категории на граѓани. Вкупно 100 пензионери со минимални примања ќе добијат по 6.000 денари, мерка која доаѓа како клучно олеснување на домашните буџети пред новогодишните и божиќните празници.

Процесот на распределба е веќе во тек, а изборот се врши според строги социјални критериуми во координација со Центарот за социјални работи. Со овој потег, Штип се позиционира како општина со силен социјален фокус, трансформирајќи ги буџетските средства во директна помош за граѓаните. Оваа поддршка е потврда дека локалната власт приоритет им дава на оние кои се соочуваат со најголеми економски предизвици.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг