Connect with us

Скопје

Скопје станува центар на современата кардиологија – започнува Регионалната школа за срцева слабост

Утре во Скопје започнува Регионалната школа за срцева слабост, настан од исклучителна важност на кој свое предавање ќе имаат 22 врвни професори кардиолози од цела Европа а ќе обедини повеќе од 150 доктори и специјалисти по кардиологија. Овој уникатен собир претставува точка на средба на најеминентните имиња од светската и регионалната медицинска кардиолошка пракса кои ќе ја пренесат својата експертиза и ќе дискутираат за најновите трендови во дијагнозата и третманот на срцевите заболувања и срцевата слабост. Преку своето присуство, тие ја потврдуваат важноста на школата како едукативна и научна платформа што го става Скопје на мапата на центри на знаење во кардиологијата.

Организатор на школата е Македонското здружение по кардиологија во соработка со Асоцијацијата за срцева слабост (Heart Failure Association – HFA), како и со реномираните центри Zurich Heart House и London Heart House. Раководители на програмата на Регионалната школа за срцева слабост и клучни предавачи се доц. д-р Тања Анѓушева, Член на управниот одбор на Македонското здружение по кардиологија, проф. д-р Јорго Костов, претседател на Македонското здружение по кардиологија и еминентниот швајцарски професор Томас Ф. Лушер, директор за истражување, едукација и развој и консултант по кардиологија во „Ројал Бромптон и Харфилд Хоспитал Траст“ и „Империјал колеџ“ во Лондон и директор на Центарот за молекуларна кардиологија на Универзитетот во Цирих. Дополнително, предавачи од Велика Британија, Германија, Швајцарија, Италија, Турција, Холандија, Словенија, Шведска, Норвешка, Србија и Бугарија ќе го споделат своето знаење со македонските колеги, отворајќи нови перспективи за третман и истражување.

Едукативната компонента е срцето на овој настан. Настанот е осмислен не само како место за предавања, туку како вистинска академија за учење и размена на искуства. Преку интерактивни сесии, практични работилници и дискусии за теми како што се срцевата слабост како глобална епидемија, улогата на исхраната и физичката активност, поврзаноста на хипертензијата и срцевата слабост, дигиталната медицина и новите фармаколошки третмани, учесниците ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења и да стекнат вештини со кои ќе придонесат за подобра грижа кон пациентите.

Регионалната школа за срцева слабост не е само медицинска конференција – таа е платформа што ја гради иднината на кардиологијата во Македонија и регионот. Преку собирот на 22 европски професори и повеќе од 150 локални и регионални специјалисти, Скопје станува симбол на соработка, знаење и посветеност кон здравјето. Овој настан ја отвора вратата за долгорочни партнерства и континуирана едукација, испраќајќи порака дека кардиологијата е наука која не познава граници и која својата сила ја црпи од заедничката работа и размената на искуства.

Advertisement

Скопје

Меџити ја пречека Елиса Спиропали во Чаир – фокус на регионалната соработка

По официјалната посета, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, ја пречека и Елиса Спиропали во просториите на општината.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во јакнењето на меѓународните односи, како и значењето на подлабоката меѓуинституционална соработка во насока на заедничките интереси.

Според Меџити, посетата на Спиропали во Чаир испраќа јасна порака за политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание кон Албанците во Северна Македонија. Воедно, таа претставува потврда за заемната волја за интензивирање на соработката меѓу двете земји.
Фокусот на разговорите бил ставен на развојот, интеграцијата и јакнењето на вредностите кои ги поврзуваат двете држави, при што беше нагласена потребата од продолжување на отворената комуникација и партнерскиот пристап во иднина.

Continue Reading

Скопје

Жителите на Општина Аеродром сега можат директно да ја оценат работата на општината

Во обид да ја направи локалната самоуправа поотворена, поефикасна и поблиска до граѓаните, Општина Аеродром воведува нов, транспарентен и целосно анонимен начин на давање оцени и мислења за квалитетот на работењето на Општината и на секој вработен поединечно.

Целта на оваа иницијатива е директно вклучување на граѓаните во процесот на унапредување на локалната самоуправа, преку препознавање на позитивните практики, како и идентификување на областите каде постои простор за подобрување.

Анкетата е кратка, трае помалку од една минута и не собира лични податоци, а граѓаните можат лесно да учествуваат преку скенирање на QR-кодот поставен на официјалните банери на Општината. Со неколку клика, секој може да го изрази своето мислење и да даде оценка за работата на Општината.

„Секоја оцена и секое мислење од граѓаните ќе ни помогне да ги подобриме услугите и да ја зголемиме ефикасноста на нашето работење“, велат од Општина Аеродром, додавајќи дека активното учество на граѓаните е клучно за создавање на поодговорна и сервисно ориентирана локална самоуправа.

Општината ја изразува својата благодарност до граѓаните за довербата и за ангажманот во процесите кои го обликуваат идниот развој на заедницата.

Continue Reading

Скопје

Дивоградбите го задушуваат Скопје: Професорите предупредуваат за сериозното загадување

Скопје и околината се соочуваат со сериозен проблем со загадувањето на воздухот, а опасноста не доаѓа само од познатите ПМ10 и ПМ2,5 честички. Како што посочија експертите на научната трибина организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД), овие честички носат и други токсични супстанци кои, преку дишењето, директно навлегуваат во човечкиот организам и сериозно го загрозуваат здравјето.

„Проблемот не е само присуството на суспендирани цврсти честички, туку и токсичните материи што се врзуваат за нив и преку воздухот навлегуваат во телото. Индексот за квалитет на воздухот покажува сериозна неповолна состојба во Скопје“, рече д-р Марина Стефова, професорка на Институтот по хемија при ПМФ.

Според Стефова, загадувањето е најизразено во зимскиот период, кога температурната инверзија и зголеменото создавање на фини честички го прават воздухот густ и отровен. Но, штетните хемиски соединенија се присутни целата година, дури и кога нивното влијание не е толку очигледно.

Експертите истакнаа дека за решавање на проблемот се потребни сериозни мерки: намалување на емисиите од сообраќајот, намалување на користење на фосилни горива за греење, ограничување на производите со штетни хемикалии, зголемување на зелените површини, пошумување, едукација за еколошка одговорност и строга контрола на емисиите.

Скопје се издвојува како една од „жешките точки“ на загадување во регионален контекст, а високи нивоа на загадување се регистрираат и во Струмичката и Пелагониската Котлина, истакна проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ.

„Градот е сместен во котлина, а непланската урбанизација дополнително го блокира природниот проток на воздухот низ Вардар. Наместо да се движи, воздухот се врти и создава ‘вртлози’ што го задржуваат загадениот воздух“, објасни Милевски. Тој додаде дека подобрувањето на состојбата бара радикални мерки насочени кон сообраќајот, индустријата, домаќинствата и урбаното планирање, како и повеќе зелени површини.

На трибината беше претставена и платформата Google Earth Engine, која овозможува прецизни и визуелни податоци за загадувањето, вклучувајќи јаглерод моноксид, азот диоксид и сулфур диоксид.

Најопасни се ПМ2,5 честичките, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови и дури во крвотокот. Само во Европа, во 2023 година, тие биле причина за 206.000 смртни случаи. Азот диоксид, главно од сообраќајот, исто така предизвикува сериозни заболувања на срцето и белите дробови, со 34.000 смртни случаи во ЕУ само за минатата година.

На трибината се зборуваше и за перзистентните органски загадувачи (ПОПс) – супстанции кои се присутни секаде, од пестицидите во земјоделството до текстилните производи во секојдневна употреба. „Овие материи се исклучително трајни, се акумулираат во организмот и можат да предизвикаат канцер, нарушување на нервниот систем и проблеми со репродуктивното здравје“, истакна Сузана Андонова од Министерството за животна средина.

Проблемот е дополнително продлабочен од нефункционалниот систем за управување со отпад. Проф. д-р Трајче Стафилов посочи дека државата сè уште нема воспоставено ефективна мрежа на регионални депонии, што дополнително го загрозува здравјето и околината.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг