Католичката црква: Навредлив е чинoт со муралот на света Мајка Тереза

Католичката црква во Македонија остро реагира на измената на муралот на света Мајка Тереза на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, каде што на ликот на светицата е додадена марама. Според Црквата, станува збор за „недостоен и навредлив чин“ кој ги повредува чувствата на верниците и почитувачите на нејзиното дело.

„Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, ја направи Македонија и Скопје препознатливи во светот“, стои во реакцијата.

Од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија потсетуваат дека нејзиниот лик треба да биде третиран со почит, особено по неодамнешното осветување на храмот „Свети Константин и Елена“ во близина на Спомен-куќата на светицата.

„Слободата на уметничкото изразување е драгоцена, но мора да се остварува со почит кон достоинството и она што е свето за една заедница. Недозволиво е светите ликови да бидат злоупотребувани за било какви цели“, се додава во соопштението.

Католичката црква се приклучува кон реакциите на граѓаните кои веќе го осудија чинот и апелира до јавноста за поголема свест и почит кон верските симболи. Воедно, ги повикува институциите да преземат мерки за заштита на верските чувства и превенција на вакви појави.