„Визер“ отвора нова авионска рута

Авиокомпанијата „Визер“ ја проширува својата мапа на дестинации со нова авиолинија од Скопје до Штутгарт, со летови секој понеделник, среда и петок. Првиот лет полета денеска во 06:25 часот од Меѓународниот аеродром „Скопје“.

Со оваа дестинација, „Визер“ ја зголемува својата мрежа на девет линии кон Германија, вклучувајќи ги градовите Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.

Во летниот распоред, полетувањата од Скопје во понеделник и петок се во 06:25 часот, со пристигнување во Штутгарт во 11:10 часот, а во среда полетувањето е во 06:30 часот, со исто пристигнување во 11:10 часот. Во зимскиот распоред, сите летови ќе се реализираат во 06:30 часот, со пристигнување во 11:30 часот.

Оваа нова линија се надоврзува на другите дестинации што „Визер“ ги најави, вклучувајќи Стокхолм, Мадрид, Келн, Бари, Прага и Ларнака, а следната година се очекуваат и нови летови до Неапол, Будимпешта, Катовице, Вроцлав и Милано од Скопје и Охрид.

Со проширувањето на авиосообраќајот, македонските патници ќе имаат повеќе можности за директни летови кон Европа, а авиокомпанијата ја зајакнува поврзаноста на земјата со клучни европски градови.