Connect with us

Економија

Европската агенда за рударството: геополитика, недостиг на бакар и нови барања од инвеститорите

Европа влезе во новата етапа на индустриска политика – рударството повторно стана приоритет. Со усвојувањето на Законот за критични суровини и амбицијата да ја намали зависноста од увоз од трети земји, Унијата ја врти својата економска агенда кон сопствените рударски капацитети, рециклирањето и локалната преработка. Во оваа рамка рударската индустрија добива нова улога: не само како снабдувач на метали, туку и како клучен дел од енергетската транзиција, индустриската автономија и безбедноста на синџирите на снабдување.

Растот на интересот за рударството паралелно отвори и нов парадокс, додека Европа, па и светот бара повеќе критични минерали за енергетската транзиција, инвестициите и политичката поддршка се движат бавно и селективно. Затоа повторното градење на довербата кај инвеститорите и отклучување на потенцијалот за истражување ќе бидат и во фокусот на Metals & Mining Summit што „Фајненшл тајмс“ ќе го одржи во Лондон на 9 и 10 октомври. Настанот традиционално ја отвора Неделата на LMB (London Metal Exchange), што е најголемиот годишен собир на глобалната индустрија за метали организиран од Берзата и е препознаен како централниот светски форум за трговија, прогнози и договори во металната индустрија.

Темите што ќе доминираат на лондонскиот самит се како да се унапредат преработките на металите надвор од Кина, геополитичките влијанија, раст на инвестициите и одржливост, како и повторно градење на довербата кај инвеститорите. Овие теми се рефлексија на подлабоките структурни предизвици кои се пред секторот и во Европа.

Бакарот во центарот на вниманието

Бакарот е „критичниот метал“ без кој енергетската транзиција не може да напредува. Но токму кај него се бележат најголеми потреси. Аналитичарите на „Голдман Сакс“ веќе ги ревидираа прогнозите за 2025 и најавија дека годинава нема да има вишок, туку дефицит на пазарот. Паралелно, Меѓународната агенција за енергија (IEA) предупредува дека под сегашните политики до 2035 година ќе недостига околу 30% од глобалните потреби за бакар. Тоа ја прави оваа суровина стратегиски најважна за електричните мрежи, обновливите извори и производството на електрични возила. Односно без нови инвестиции, рударството нема да може да ги следи темпото и амбициите на зелената економија.

Геополитички фактори и „ресурсен национализам“

Освен пазарните флуктуации, рударството е под силно влијание на политиката. Западните економии бараат начини да ја намалат зависноста од Кина во преработката и топењето на метали, додека земјите производители сè почесто прибегнуваат кон квоти и забрани за извоз.

На пример, Демократска Република Конго, која обезбедува над две третини од светскиот кобалт, најави квоти за извоз што од 2026 година ќе бидат речиси преполовени во однос на 2024. Конго по седуммесечна забрана го рестартира извозот на кобалт, но со квоти кои ќе ја дестабилизираат понудата за автомобилската индустрија и производителите на батерии, кои веќе бараат алтернативи во хемијата на катоди и нови региони за снабдување.

Ваквите геополитички состојби влијаат врз големите компании да внимаваат во поглед на нови вложувања, иако побарувачката расте. Приоритет им се постојните рудници, деблокирање на дозволи и внимателно следење на еколошките и социјалните стандарди. Соработката и партнерството со локалните заедници, управувањето со водните ресурси и заштитата на биодиверзитетот се веќе клучни параметри за тоа дали проектот ќе биде прифатен од инвеститорите.

Европа: од увозна зависност до стратегиска автономија

Европа е соочена со голем предизвик затоа што побарувачката за метали расте, а производството и преработката се концентрирани во неколку земји надвор од континентот.

Стратегијата на ЕУ е јасна – да се поттикне локално рударство и да се инвестира во преработка и рециклирање. Според анализите, европскиот пазар за рударска опрема ќе расте со просечна стапка од 5,2% годишно до 2034 година, што отвора простор за нови технологии, електрификација на рудниците и автоматизација на процесите.

Импликации за Македонија

Иако Македонија не е голем производител на бакар или кобалт, глобалните текови директно влијаат и врз сите наши рудници. Ценовните шокови на меѓународните берзи ги одредуваат приходите од извоз, кои пак се значаен извор на девизи и локален економски развој.

Рударството кај нас главно се потпира врз оловно-цинкови руди. Во североисточниот басен, „Булмак 2016“ е оператор на оловно-цинковите рудници Злетово и Тораница — два историски столба на домашното рударство со над 600.000 тони произведена руда во 2024 година. Во близина е и рудникот „Саса“ во Македонска Каменица кој лани преработил околу 760 илјади тони руда.

Овие капацитети се важен индикатор дека олово-цинкот останува конкурентен, особено кога цените на LME се нестабилни и брзо променливи, а пазарите бараат сигурни и следливи залихи.

Свој импакт во рударството има и бакарот. Во југоисточниот појас околу Радовиш, „Бучим“ и новиот рудник „Боров Дол“ го држат бакарниот темел на државата. Отворањето на „Боров Дол“ ја продолжува животната доба на експлоатацијата. Два проекти за отворање на нови рудници за бакарна руда се Иловица-Штука, кој е заглавен во правните лавиринти во државата, и Плавица.

За сите компании во секторот е важно дека ќе мора да ги следат глобалните трендови: транспарентност, еколошки стандарди и стабилни договори со заедниците. Токму тоа ќе ја одреди нивната конкурентност во услови кога глобалниот капитал е внимателен, а европските купувачи и финансиски институции сѐ поексплицитно ги условуваат договорите со ESG-перформанси и транспарентни податоци.

Извесно е дека рударството во 2026 ќе остане меѓу најдинамичните сектори – со мешавина од недостиг на критични минерали, политички одлуки кои го кројат пазарот и инвеститори кои бараат дисциплина и долгорочна сигурност. За Македонија, иако индиректно, тоа значи и поголем притисок за усогласување со глобалните стандарди и шанса да се позиционира како стабилен регионален играч во време на нестабилни пазари.

Економија

НЕВОБИЧАЕН ФЕНОМЕН ВО ЈАДРАНОТ: Масовна појава на виолетови морски ежови кај Трст ги изненади научниците

Истражувачите во Јадранското Море регистрираа необична појава што досега не била забележана во овој обем. Во близина на Трст е откриена голема концентрација на виолетови морски ежови, и тоа на подрачје кое не се смета за нивно типично живеалиште.

Според научниците, ваквата слика е изненадувачка бидејќи на карпестото морско дно вообичаено доминира друг вид морски еж, додека виолетовите единки таму речиси и не се среќаваат. Овојпат, нивниот број бил значително поголем, а присуството на вообичаениот вид било минимално.

Стручњаците посочуваат дека објаснувањето може да се бара во животниот циклус на овие морски организми. Истражувањата укажуваат дека во одредени фази од животот тие мигрираат, најчесто поттикнати од промени во исхраната. Додека младите единки се хранат претежно со варовнички алги на песочно дно, повозрасните се префрлаат кон карпести подрачја богати со макроалги и растителни остатоци.

Дополнително, научниците не ја исклучуваат можноста дека зголемената достапност на кафени алги во овој дел од Јадранот создала идеални услови за собирање на голем број возрасни единки на едно место.

Иако сцената е необична, истражувачите нагласуваат дека природата ретко прави нешто без причина, а во овој случај, најверојатниот одговор се крие во храната и промените во морскиот екосистем.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 18 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.091,56 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот дневен промет изнесуваше 13,06 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето беше концентриран кај Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком, кои ја предводеа пазарната активност .

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.913.370 денари

● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 3.091.460 денари

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) – 1.812.170 денари

Топ добитници

● АЛТА Банка АД Битола (ALTA) +2,83%

● ОКТА АД Скопје (OKTA) +2,04%

● Адинг АД Скопје (ADIN) +0,04%

Топ губитници

● РЖ Услуги АД Скопје (RZU) –8,16%

● Гранит АД Скопје (GRN) –1,59%

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,85%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Сите државни обврзници останаа со непроменети цени, а индексот ОМБ се задржа на 129,44 поени.

Тргувањето на Македонската берза на 18 декември 2025 година се одвиваше во умерена атмосфера, со вкупен промет од 13,06 милиони денари и пад на индексот МБИ10 за 0,32%. Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком беа најликвидните хартии на денот. Најголем добитник беше АЛТА Банка, додека РЖ Услуги и Гранит го предводеа негативното движење. Обврзничкиот пазар остана без активности, со стабилни котации и непроменет индекс ОМБ.

 

Continue Reading

Економија

Од полноќ нови цени на горивата

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два денара по литар, а цената на дизел горивата и на мазутот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,08 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 71 денар за литар, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава 73 денари. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) и понатаму ќе чини 66,5 денари за литар, Екстра лесното масло за домаќинството (ЕЛ-1) 65,5 денари, а Мазут М-1 НС 32,635 денари за килограм.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување  кај бензините во просек за 6,021 отсто, кај дизелот за 3,929, кај екстра лесното масло за 3,168 и кај мазутот за 0,401 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6378 отсто.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг