Мрачно предупредување: Кина се подготвува за напад?

Министерството за одбрана на Тајван предупреди дека Кина интензивно ги зголемува своите воени активности околу островот и вежба сценарија за можен изненаден напад, комбинирајќи воени и сајбер операции во рамки на т.н. „хибридно војување“.

Во најновиот двегодишен извештај се наведува дека Пекинг користи тактики од „сива зона“ – заеднички борбени патроли, воени вежби, саботажи на подводни кабли и психолошки операции – со цел да го поткопа моралот и довербата на тајванската јавност во сопствената влада.

Кинеската крајбрежна стража, според извештајот, сè почесто дејствува во близина на Тајван и може во иднина да координира акции со војската. Истовремено, Кина користи вештачка интелигенција, лажни профили и „ботови“ за ширење дезинформации и политичка поларизација, како и „дипфејк“ видеа за поткопување на националното единство.

Тајванските власти предупредуваат дека Пекинг би можел да ги искористи воените вежби како параван за вистинска офанзива, користејќи трговски бродови и амфибиска техника за транспорт на војници.

„Кина комбинира класични и неконвенционални методи за да ги тестира можностите за напад и реакцијата на странските сили“, се наведува во извештајот.