Зеленски: Томахавките ќе бидат насочени само кон воени цели во Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека евентуалната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахавк“ ќе има единствена цел — уништување на воени цели во Русија, без да се загрозат цивилни објекти.

Во интервју за американската телевизија Фокс њуз, Зеленски нагласи дека Украина нема намера да ја проширува војната, туку да ја засили својата одбрана.

„Доколку ги добиеме ракетите Томахавк, тие ќе бидат насочени само кон бази, складишта и позиции на руската армија од каде се изведуваат напади врз украински градови,“ изјави тој.

Изјавата на украинскиот претседател доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп сè уште одлучува дали ќе ја одобри испораката на овие ракети. Трамп претходно нагласи дека сака да биде сигурен дека таквиот потег нема да доведе до нова ескалација на конфликтот.

Ракетите „Томахавк“ имаат дострел до 2.500 километри, што би ѝ овозможило на Украина да погодува цели длабоко во руската територија, па дури и во околината на Москва. Од Кремљ изразија загриженост, оценувајќи дека евентуалната испорака на вакво оружје би можела да го внесе конфликтот во „драматична фаза“.

Во меѓувреме, Зеленски потсети дека само во изминатата недела Русија извршила повеќе од 4.000 воздушни напади врз Украина. Тој преку социјалната мрежа Икс побара меѓународната заедница да реагира, обвинувајќи ја Москва дека го користи вниманието насочено кон мировниот процес во Појасот Газа за да ги интензивира нападите.

Украинскиот претседател апелираше санкциите, царинските мерки и заедничките акции против купувачите на руска нафта да останат во сила, нагласувајќи дека токму тие ја финансираат руската воена машинерија.