Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска истакна дека иднината на главниот град е нераскинливо поврзана со младите и нивниот потенцијал. На средба посветена токму на младите генерации, тој ги претстави клучните проекти од својата програма што, како што рече, им ја отвораат вратата кон посовремена и поправедна иднина.
Ѓорѓиевски го најави воведувањето на „SKOPJE CITY GO“, единствена картичка што ќе ги обедини сите градски услуги – јавен превоз, паркинг, културни и спортски билети, со попусти и бесплатни услуги за ученици, пензионери, невработени и лица со попреченост.
Преку проектот „AI Скопје“, најави дигитализација на градот, зголемена безбедност, ефикасност и одржливост, а младите ќе бидат вклучени преку хакатони, урбани лаборатории и иновативни решенија.
„Мојата цел е да изградиме град што им нуди шанса, простор и поддршка на младите да останат, да создаваат и да ја градат својата иднина тука, во Скопје“, порача Ѓорѓиевски.
Како дел од мерките, тој најави ослободување од комуналии за младите брачни двојки до 40 години без друг имот, мерка што веќе се покажа успешна во Кисела Вода.
Ѓорѓиевски најави и задолжително младинско вработување, со обврска секоја средна и голема компанија да вработува најмалку еден млад човек до 25 години на секои 20 постојни вработени – модел инспириран од германското и холандското искуство.
Преку Младинскиот Центар за Кариера ќе се обезбедува менторство, обуки и поврзување со работодавачи, а проектот „Учи занает, гради иднина“ ќе обезбеди стипендии, субвенции и современа опрема за младите занаетчии.
Меѓу најавените иницијативи се и „Disco Zone“ – зони за летни дискотеки и клубови надвор од центарот, дигитални станбени хабови, зелени зони и проектот „Паметно семејство“, насочени кон создавање современи услови за младите брачни парови и повратниците од странство.
„Кога градот е дигитален, младите можат да учат, создаваат и живеат овде. Кога тие остануваат, градот расте, станува поотворен, поиновативен и похуман“, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека Скопје мора да биде град што создава можности и работи со транспарентност.
Тој ги повика граѓаните во недела масовно да излезат и да гласаат за број 9, „за иднината на младите и иднината на Скопје“, нагласувајќи дека – најдоброто допрва доаѓа.
Николоски: Карпош добива нов урбан лик со реконструкција на над 15 улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.
Прекин на електрична енергија денеска во Горно Нерези, Глуво и Мирковци
Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) информира, повикувајќи се на известување од ЕВН Македонија, дека денес од 9:00 до 15:00 часот ќе има прекин во снабдувањето со електрична енергија за корисниците од неколку населени места.
Прекинот ги опфаќа корисниците од селото Горно Нерези и корисниците од селата Глуво и Мирковци.
Станува збор за планиран прекин, а корисниците се повикуваат на трпение до завршувањето на работите.
Жителите на одредени делови од Аеродром денес без вода
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје информираше за привремен прекин во водоснабдувањето за дел од корисниците лоцирани на булеварот „АСНОМ“, во населбата Аеродром.
Прекинот, кој започна вечерва во 18:45 часот, е предизвикан од уличен водоводен дефект на цевка со дијаметар Ф100 мм, конкретно кај број 74 на булеварот.
Погодени корисници ќе бидат корисниците лоцирани на булевар „АСНОМ“ од број 70 до број 116.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ се на терен и работат на отстранување на дефектот. Водоснабдувањето ќе биде нормализирано веднаш по завршувањето на работните активности, за што јавноста ќе биде дополнително известена.