Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Н.Е. г-ѓа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Н.Е. г-дин Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; г-дин Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; г-ѓа Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; г-дин Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Оваа поддршка е значајна за граѓаните и стопанството. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, г-дин Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
„Со потпишувањето на овој грант-договор ги зајакнуваме нашите стратешки партнерства и го градиме техничкиот капацитет потребен за современа преносна мрежа. Пилот-проектот за дигитализација, фокусиран на развој на целосно дигитална трафостаница со напредни системи за заштита, управување и надзор, претставува конкретен чекор кон трансформација на МЕПСО во попаметен, поефикасен и ориентиран кон иднината оператор на преносниот систем.“
Г-ѓа Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International, изјави:
„Овој проект претставува значаен чекор напред за енергетскиот сектор на Северна Македонија – обединувајќи ја националната амбиција, регионалната соработка и европското партнерство. Во соработка со МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), придонесуваме за зајакнување на енергетската безбедност, конкурентноста и подготвеноста на земјата за енергетската транзиција.Договорот обединува напредно моделирање на електроенергетскиот систем, иновативно предвидување на резервите со користење на вештачка интелигенција и пилот-проект за дигитализација на трафостаница од 110 kV – одлучувачки чекор кон поотпорна, потранспарентна и поконкурентна електроенергетска мрежа.“
Амбасадорот на Франција, Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, нагласи дека овој договор претставува уште еден чекор напред во продлабочувањето на партнерството меѓу Франција и Северна Македонија. Тој истакна дека оваа соработка ја одразува заедничката посветеност на двете земји кон одржлив раст, иновации и енергетска отпорност. Амбасадорот додаде дека Франција, преку AFD и RTE International, со гордост ја поддржува Северна Македонија во напорите за јакнење на енергетската стабилност и создавање позелена и подигитализирана иднина.
Г-дин Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, подвлече дека овој нов договор ја илустрира континуираната посветеност на AFD кон модернизација на преносната мрежа во Северна Македонија. Тој додаде дека оваа соработка е дел од посилната заложба на AFD за поддршка на македонските партнери, и со задоволство ја искористи оваа прилика да го најави отворањето на локалната канцеларија на AFD во Скопје, која ќе ја претставува г-ѓа Мелани Малинво.
Проектот ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
За AFD: Групацијата AFD придонесува за спроведување на француските политики за одржлив развој и меѓународна солидарност. Во нејзини рамки функционираат Agence Française de Développement (AFD) – која го финансира јавниот сектор, невладините организации, истражувањата и обуките; нејзината подружница Proparco, насочена кон приватниот сектор; и Expertise France, агенцијата за техничка соработка.
Групацијата AFD финансира, поддржува и забрзува неопходни транзиции кон поправеден и поотпорен свет. Активна во регионот на Западен Балкан од 2019 година, AFDима мандат да им помогне на земјите од регионот во приближувањето кон стандардите на ЕУ и спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени, со цел инклузивен и нискојаглероден економски развој. Од тогаш, AFD има ангажман од над 1,5 милијарди евра во регионот на Западен Балкан, преку 39 активни проекти.
Среброто го надмина „Microsoft“ по пазарна вредност
Среброто достигна пазарна капитализација од 3,54 трилиони долари, надминувајќи ја вредноста на американскиот технолошки гигант „Microsoft“, објави компанијата „Companiesmarketcap“, пренесува ТАСС.
Златото останува највредно со пазарна капитализација од 29,92 трилиони долари, додека „Nvidia“ и „Apple“ се на второ и трето место со 4,29 трилиони, односно 4,07 трилиони долари. „Alphabet“, матичната компанија на Google, има капитализација од 3,734 трилиони долари, а „Microsoft“ сега е веднаш зад среброто со 3,53 трилиони долари.
Пазарната вредност на среброто се пресметува според моменталната цена и проценетиот обем на ископано сребро – околу 1.751.000 метрички тони. Значителен дел од ова сребро е изгубен или уништен преку индустриска употреба, велат експертите.
На берзата Comex, цената на фјучерсите за сребро за март 2026 година падна на 63,31 долари за унца, по рекордот од 65,085 долари забележан на 12 декември. Од почетокот на годината, цената на среброто се зголеми за повеќе од двојно, со раст од 115,24 отсто.
Божиновска во Прага: македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со г-дин Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Независен, кредибилен, клучен: Димитриеска Кочоска за улогата на ДЗР во управувањето со јавните финансии
На јубилејното одбележување на 26 години од постоењето на ДЗР, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска испрати јасна порака: ревизорите се клучниот механизам кој обезбедува рационално и законито трошење на секој денар од даночните обврзници.
Во ера на сериозни фискални предизвици и ограничени ресурси, тежината на одговорното управување со парите на граѓаните станува поголема од кога било. Според министерката, ДЗР веќе не се доживува само како „контролор“, туку како суштински партнер во градењето на силни институции.
„Ревизорските наоди се темелот врз кој ја градиме довербата на граѓаните во институциите. Тие не се само извештаи, туку патоказ за подобри јавни политики,“ истакна Димитриеска Кочоска.
Најзначајната новина која ја најави министерката е новиот закон за државна ревизија, кој веќе е во својата финална фаза. Ова законско решение ветува: целосна финансиска и оперативна автономија на ДЗР, строги механизми за проверка (повеќе нема да има „заборавени“ препораки – нивното спроведување ќе се следи под лупа) и директно усогласување со барањата на ЕУ и меѓународните ревизорски практики.
Министерството за финансии останува на линијата дека само со силна и капацитетна државна ревизија може да се остварат амбициозните реформски цели. Крајната цел е јасна – целосна транспарентност и систем во кој граѓаните точно ќе знаат како се менаџира нивниот влог во државата.