Уживајте во домашниот комфор со совршени коктели. Со Васил Пеевски, бармен и основач на Shake & Sip ви откриваме колку е едноставно да се подготви дома идеален коктел. Васил верува дека зад совршениот коктел не стојат мистериозни трикови, туку дисциплина и неколку јасни правила. Едноставно е, вели тој, кога рецептурата се почитува, балансот сам се појавува, а секоја голтка станува чисто задоволство.
„Користете квалитетен пијалак, не штедете на мраз, затоа што и мразот е состојка, не е декор и секогаш мерете ги дозите за да добиеме одлично балансиран коктел“, вели Пеевски.
Домашниот бар не мора да личи на професионална полицa со десетици шишиња. Според Васил, кој е повеќепати наградуван бармен на меѓународни натпревари, не е страшно ако дома немате професионална опрема за коктели. Тегла може да го замени шејкерот, малата чашка за ракија може да биде дозер, а добрата техника доаѓа со внимание и неколку обиди.
Најчестите грешки што ги забележува кај домашните ентузијасти се токму во користење премалку мраз, игнорирање на зададената техника и компромис со квалитетот на алкохолот.
„Доволно да имате неколку бази квалитетни состојки виски, џин и вотка и еден едноставен шеќерен сируп што можете сами да го подготвите. Со свежо исцеден лимон или лимета, веќе сте на половина пат до одличен саур коктел. Луѓето ја потценуваат ракијата во коктели, а ракија саур ми е еден од омилените домашни коктели“, вели Васил.
„Златно правило“ кое важи за сите бармени, професионалци и аматери, е да ги совладаат класичните рецепти до совршенство, па потоа да експериментираат со свои креации. За подготовката на коктелот важен е и начинот на шејкање.
„Тие ‘ситници’ ја прават големата разлика. Понекогаш различните пијалаци носат суптилни нијанси во вкусот, но суштината останува иста, држете се до проверен квалитет и конзистентни мерки. Лично немам ‘посебни’ или ‘скриени’ трикови. Имам фокус. И се трудам секој коктел да ја пренесе мојата емоција“, објаснува Васил.
За почеток, ова се четири класици што ги препорачува Васил, со едноставни рецепти со состојки кои може да ги нарачате преку Wolt.
Daiquiri е неговиот апсолутен основен коктел:
бел рум 50 ml,
сок од лимета 25 ml
шеќерен сируп 20 ml
Сè зашејкајте силно со многу мраз и процедете во изладена чаша.
Negroni бара еднакви делови:
џин 30 ml,
rosso vermouth 30 ml
Campari 30 ml
Промешајте со мраз и украсете со кора од портокал.
Margarita – за свежа киселкастост со полна текстура комбинира:
текила 40 ml
triple sec 10 ml
сируп од агава 10 ml
сок од лимета 20 ml
Зашејкајте и процедете, со или без сол на работ од чашата.
Whiskey Sour – кремаст класик со пенлива капа:
виски 50 ml,
сок од лимон 30 ml
шеќерен сируп 30 ml
Зашејкајте со многу мраз и процедете.
Virgin Paloma – пенливо цитрусно задоволство:
Безалкохолен џин 50 ml
Газиран сок од цитрус до горе
Сок од лимун 10 ml
Сето останато е ритам и чувство. Нарачајте ги состојките преку Wolt, наполнете ја чашата со мраз до врв, мерете прецизно и дозволете му на процесот да ве научи. Како што вели Васил, „Кога ги почитуваш правилата, коктелот секогаш ти враќа со вкус.“
Среброто го надмина „Microsoft“ по пазарна вредност
Среброто достигна пазарна капитализација од 3,54 трилиони долари, надминувајќи ја вредноста на американскиот технолошки гигант „Microsoft“, објави компанијата „Companiesmarketcap“, пренесува ТАСС.
Златото останува највредно со пазарна капитализација од 29,92 трилиони долари, додека „Nvidia“ и „Apple“ се на второ и трето место со 4,29 трилиони, односно 4,07 трилиони долари. „Alphabet“, матичната компанија на Google, има капитализација од 3,734 трилиони долари, а „Microsoft“ сега е веднаш зад среброто со 3,53 трилиони долари.
Пазарната вредност на среброто се пресметува според моменталната цена и проценетиот обем на ископано сребро – околу 1.751.000 метрички тони. Значителен дел од ова сребро е изгубен или уништен преку индустриска употреба, велат експертите.
На берзата Comex, цената на фјучерсите за сребро за март 2026 година падна на 63,31 долари за унца, по рекордот од 65,085 долари забележан на 12 декември. Од почетокот на годината, цената на среброто се зголеми за повеќе од двојно, со раст од 115,24 отсто.
Божиновска во Прага: македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со г-дин Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Независен, кредибилен, клучен: Димитриеска Кочоска за улогата на ДЗР во управувањето со јавните финансии
На јубилејното одбележување на 26 години од постоењето на ДЗР, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска испрати јасна порака: ревизорите се клучниот механизам кој обезбедува рационално и законито трошење на секој денар од даночните обврзници.
Во ера на сериозни фискални предизвици и ограничени ресурси, тежината на одговорното управување со парите на граѓаните станува поголема од кога било. Според министерката, ДЗР веќе не се доживува само како „контролор“, туку како суштински партнер во градењето на силни институции.
„Ревизорските наоди се темелот врз кој ја градиме довербата на граѓаните во институциите. Тие не се само извештаи, туку патоказ за подобри јавни политики,“ истакна Димитриеска Кочоска.
Најзначајната новина која ја најави министерката е новиот закон за државна ревизија, кој веќе е во својата финална фаза. Ова законско решение ветува: целосна финансиска и оперативна автономија на ДЗР, строги механизми за проверка (повеќе нема да има „заборавени“ препораки – нивното спроведување ќе се следи под лупа) и директно усогласување со барањата на ЕУ и меѓународните ревизорски практики.
Министерството за финансии останува на линијата дека само со силна и капацитетна државна ревизија може да се остварат амбициозните реформски цели. Крајната цел е јасна – целосна транспарентност и систем во кој граѓаните точно ќе знаат како се менаџира нивниот влог во државата.