Тони Коњановски победи во првиот круг во Битола, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди мнозинство во Советот

Актуелниот градоначалник на Битола, Тони Коњановски, оствари убедлива победа уште во првиот круг на локалните избори. Според неофицијални информации од неговиот изборен штаб, Коњановски освоил 18.753 гласа, односно околу 51% од излезените гласачи.

Далеку зад него е Габриела Илиевска од „Поинаку“ со приближно 7.900 гласа, а на трето место е Методија Куновски од СДСМ со околу 6.100 гласа. Следуваат неважечки ливчиња со околу 2.100 гласа, независниот Зоран Николовски поддржан од Левица и други кандидати.

Во Советот на Општина Битола, ВМРО-ДПМНЕ се очекува да има мнозинство од 16 советнички места со приближно 15.700 гласови. СДСМ освојува 5 мандати (5.350 гласа), „Поинаку“ 4 мандати, а Левица два. По еден мандат освојуваат ЛДП, новоформираната Граѓанска иницијатива ГРИН, ЗНАМ и ДУИ.

Вкупно на гласање во општината излегоа 36.816 граѓани.