Со потпишувањето на „Декларацијата Скопје“ испраќаме силна порака дека регионот не е само следбеник на глобалната транзиција, туку нејзин активен двигател. Оваа Декларација е патоказ на нашата посветеност, за побрза зелена транзиција, за регионална поврзаност, за инвестиции во иновации и човечки потенцијал, истакна вечерва министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска.
„Декларацијата Скопје“ ја потпишаа министерката Божиновска, претставникот на Програмата за развој на ОН, Армен Григорјан и директорот на Дивизијата за одржлива енергија (UNECE), Дарио Лигути, на затворањето на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој.
Министерката Божиновска рече дека во изминатите три дена Скопје беше глобалната сцена на енергетската визија и дијалогот за одржлив развој. Посочи дека Форумот обедини повеќе од 500 учесници, од над 70 земји, со над 150 говорници, кои преку 35 тематски сесии и панели, донесоа идеи, решенија, и конкретни чекори за иднината на енергетскиот сектор.
– Она што го видовме овде беше синергија на знаење, соработка и амбиција. Форум кој покажа дека кога институциите, науката, бизнисот и меѓународните партнери ќе седнат на иста маса, настанува промена. Нашиот заеднички фокус беше јасен, безбедна, зелена и одржлива енергетска иднина. Клучните насоки од „Скопје Декларацијата“, ќе ја објавиме, ќе може да ги прочитате сите. Тука има нови развојни насоки во енергетскиот сектор, има енергетско планирање, системска интеграција, одржлив развој, решенија базирани на природата иновации, дигитализација, вештачката интелегенција, интегрирањето на решенија базирани на природата во енергетското планирање, вклучувајќи одржлива биомаса обновување на еко системите, зелената инфраструктура, рече Божиновска.
Таа потенцира дека е горда што токму од Скопје од срцето на Балканот тргнува нов импулс на енергетска соработка солидарност и визија. Ова, истакна Божиновска, е доказ дека Македонија може да биде платформа на идеи што го менуваат регионот.
– Искрена благодарност до ОН, УНДП, партнерите институциите, академската и деловната заедница, и сите што придонесоа за реализација на овој извонреден форум. Четиринаесеттиот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој, ќе остане запаметен како место каде што не само што зборуваме за иднината, туку ја започнуваме. Да продолжиме заедно со знаење, храброст и визија. Да ја градиме енергетската иднина што ја заслужуваат нашите граѓани, додаде министерката Божиновска.
Претставникот на Програмата за развој на ОН, Армен Григорјан рече дека привилегија му е да се обрати денеска на завршницата на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој во Скопје.
– Во изминатите денови во Скопје, преминавме од идеи кон намери, а од намери кон акција. Разбравме дека енергетската политика не е само за мегавати и мрежи, туку за работни места, сметки, здравје и можности за луѓето. Слушнавме како регионалната поврзаност може да ја зајакне отпорноста и безбедноста, како дигитализацијата може да ги направи системите паметни и почисти, како финансиските средства може побрзо да течат кон енергетската ефикасност и обновливите извори, и како праведната транзиција мора да ги вклучи работниците, заедниците, жените и младите од самиот почеток, рече Григорјан.
Посочи дека УНДП е горд што стои заедно со Владата и Министерството за енергија, рударство и минерални ресурси на Северна Македонија, како и со регионалните комисии на ОН како практичен партнер, помагајќи им на земјите да креираат политики, да ги намалат ризиците од инвестиции и да создаваат решенија кои ги намалуваат емисиите, ја намалуваат сиромаштијата и го подобруваат квалитетот на воздухот.
Нашата заложба на затворањето на Форумот во Скопје, потенцира, е едноставна: партнерство, инвестирање и реализирање, партнерство преку граници и сектори, инвестирање во луѓето и иновациите, реализирање мерливи резултати кои граѓаните ќе ги почувствуваат дома, на работа и во движење.
– Со завршувањето, истовремено отвораме ново поглавје. „Декларацијата Скопје“ ја доловува нашата заедничка насока. Да биде повеќе од зборови, да биде работен план што ќе ја води оваа коалиција во наредните 12 месеци, со јасни цели и транспарентно известување до заедницата. Благодарност до Владата за лидерството, и до сите говорници и учесници за вашите сознанија и за тоа што го направивте овој форум исклучителен. Посебна благодарност до министерка Божиновска, чија лидерска улога и посветеност беа суштински за успехот на Форумот. Се надевам дека нашето партнерство ќе продолжи да расте преку идни заеднички иницијативи. И конечно, честитки до петте комисии на ОН без кои овој Форум не би бил можен, додаде Григорјан.
Директорот на Дивизијата за одржлива енергија (UNECE), Дарио Лигути рече дека овој форум беше еден важен чекор на патот кон енергетска транзиција.
Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој почна на 28 октомври во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNECA, ESCAP, ECLAC и ESCWA), а на него присуствуваа владини претставници, експерти, претставници на меѓународни организации, финансиски институции и индустриски лидери – клучните луѓе што ја обликуваат енергетската иднина на регионот и пошироко.
Домакин на Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој идната година ќе биде градот Kсијан во Кина.
Среброто го надмина „Microsoft“ по пазарна вредност
Среброто достигна пазарна капитализација од 3,54 трилиони долари, надминувајќи ја вредноста на американскиот технолошки гигант „Microsoft“, објави компанијата „Companiesmarketcap“, пренесува ТАСС.
Златото останува највредно со пазарна капитализација од 29,92 трилиони долари, додека „Nvidia“ и „Apple“ се на второ и трето место со 4,29 трилиони, односно 4,07 трилиони долари. „Alphabet“, матичната компанија на Google, има капитализација од 3,734 трилиони долари, а „Microsoft“ сега е веднаш зад среброто со 3,53 трилиони долари.
Пазарната вредност на среброто се пресметува според моменталната цена и проценетиот обем на ископано сребро – околу 1.751.000 метрички тони. Значителен дел од ова сребро е изгубен или уништен преку индустриска употреба, велат експертите.
На берзата Comex, цената на фјучерсите за сребро за март 2026 година падна на 63,31 долари за унца, по рекордот од 65,085 долари забележан на 12 декември. Од почетокот на годината, цената на среброто се зголеми за повеќе од двојно, со раст од 115,24 отсто.
Божиновска во Прага: македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со г-дин Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Независен, кредибилен, клучен: Димитриеска Кочоска за улогата на ДЗР во управувањето со јавните финансии
На јубилејното одбележување на 26 години од постоењето на ДЗР, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска испрати јасна порака: ревизорите се клучниот механизам кој обезбедува рационално и законито трошење на секој денар од даночните обврзници.
Во ера на сериозни фискални предизвици и ограничени ресурси, тежината на одговорното управување со парите на граѓаните станува поголема од кога било. Според министерката, ДЗР веќе не се доживува само како „контролор“, туку како суштински партнер во градењето на силни институции.
„Ревизорските наоди се темелот врз кој ја градиме довербата на граѓаните во институциите. Тие не се само извештаи, туку патоказ за подобри јавни политики,“ истакна Димитриеска Кочоска.
Најзначајната новина која ја најави министерката е новиот закон за државна ревизија, кој веќе е во својата финална фаза. Ова законско решение ветува: целосна финансиска и оперативна автономија на ДЗР, строги механизми за проверка (повеќе нема да има „заборавени“ препораки – нивното спроведување ќе се следи под лупа) и директно усогласување со барањата на ЕУ и меѓународните ревизорски практики.
Министерството за финансии останува на линијата дека само со силна и капацитетна државна ревизија може да се остварат амбициозните реформски цели. Крајната цел е јасна – целосна транспарентност и систем во кој граѓаните точно ќе знаат како се менаџира нивниот влог во државата.