Connect with us

Економија

Доларот зајакна по договорот Трамп–Си и сигналите од ФЕД

Американскиот долар порасна во однос на кошничката светски валути втора недела по ред, иако Федералните резерви повторно ги намалија клучните каматни стапки. Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на валутата во однос на шест водечки валути, се искачи за 0,8 проценти – на 99,72 поени.

Доларот зајакна и во однос на еврото за 0,8 проценти, со што заедничката европска валута се спушти на 1,1535 долари. Во однос на јапонскиот јен, американската валута се зголеми за 0,75 проценти и достигна ниво од 154 јени за долар.

Иако намалувањето на каматните стапки на ФЕД за 0,25 процентни поени беше очекувано, изјавите на претседателот Џером Пауел изненадија многу инвеститори. Пауел порача дека понатамошните намалувања во декември не се извесни и дека дел од раководството на централната банка смета дека поради високата инфлација треба да се почека со нови потези.

Пазарот веднаш реагираше – шансите за ново намалување на каматните стапки годинава паднаа од над 90 на под 70 проценти. Ваквите очекувања ја засилија позицијата на доларот, бидејќи каматните стапки во САД остануваат значително повисоки од оние во другите големи економии.

Во моментов каматните стапки на ФЕД се движат меѓу 3,75 и 4 проценти, додека Европската централна банка ги задржа своите на околу 2 проценти. Банката на Јапонија, пак, остана на 0,5 проценти, и покрај најавите дека би можело да дојде до зголемување доколку економијата продолжи да расте.

Јенот ослабе и поради политичките промени во Токио – парламентот ја избра Санае Такаичи како прва жена премиер во историјата на земјата. Нејзината најавена стимулативна фискална политика и можниот притисок врз централната банка да не ја затегнува монетарната политика придонесоа за пад на јенот, кој во еден момент надмина 154 за долар – највисоко ниво во последните девет месеци.

Поддршка на американската валута донесе и принципиелниот договор меѓу Вашингтон и Пекинг. На состанокот меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг беше договорено САД да ги намалат царините за кинески производи на 10 проценти, а Кина да продолжи со купување американска соја, да ја олесни трговијата со ретки метали и да преземе мерки против нелегалниот фентанил.

Иако договорот беше поздравен како позитивен чекор, аналитичарите предупредуваат дека станува збор за „тактичко примирје“, а не за суштинско подобрување на трговските односи меѓу двете најголеми светски економии.

Advertisement

Економија

Шведскиот мебелски гигант ја затвори вратата: ИКЕА засега не доаѓа на македонскиот пазар

Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на брендот ИКЕА, соопшти дека во моментов не постојат конкретни планови за отворање продавници во Македонија, со што ги демантираше информациите што неодамна се појавија во дел од домашните медиуми за можен влез на компанијата на пазарот.

Од групацијата нагласуваат дека постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот, како на постојните така и на нови пазари, со цел да бидат поблиску до што поголем број потрошувачи. Сепак, како што наведуваат, до овој момент не е донесена одлука за инвестирање и отворање продажни капацитети во Северна Македонија.

„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за раст, но заклучно со денес нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во официјална изјава.

Во регионот, ИКЕА веќе има воспоставена мрежа на продавници и е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, што на македонските потрошувачи им овозможува пристап до брендот преку соседните пазари.

Continue Reading

Економија

Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.

Continue Reading

Економија

Бакарот на чекор до нов рекорд: Берзите бележат најсилен раст по финансиската криза

Цената на бакарот продолжува со силен нагорен тренд и се доближува до историското ниво од 12.000 долари за тон, заокружувајќи една исклучително турбулентна година на светските берзи. Пазарните движења се одвиваат во услови на засилени геополитички тензии, но и рекордна побарувачка за индустриски метали.

Податоците од Лондонската берза на метали покажуваат дека бакарот е на пат да го оствари најголемиот годишен раст од 2009 година наваму, што дополнително го зголемува интересот кај инвеститорите и индустриските потрошувачи.

Аналитичарите посочуваат дека растот е резултат на повеќе фактори. Глобалната понуда е ограничена, залихите се на ниско ниво, а рударското производство не успева да одговори на зголемената побарувачка. Истовремено, трговските тензии и неизвесноста на меѓународните пазари поттикнуваат забрзано купување на суровини.

Дополнителен притисок врз цената создава и забрзаната енергетска транзиција. Бакарот е еден од клучните метали за електричните возила, обновливите извори на енергија и модерната електроинфраструктура, што го прави незаменлив во процесот на декарбонизација.

Инвеститорите остануваат оптимисти и сметаат дека светската економија допрва влегува во долгорочен „супер-циклус“ на побарувачка на бакар, поттикнат од зелените политики и технолошките промени кои во голема мера зависат од овој метал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг