Францускиот парламент ја суспендира реформата за зголемување на возраста за пензионирање

Парламентот на Франција денеска донесе одлука да се суспендира непопуларната реформа на пензискиот систем од 2023 година, иницирана во вториот мандат на претседателот Емануел Макрон.

Законската одлука е усвоена со 255 гласови „за“ и 146 „против“, со поддршка од социјалистите, Зелените и ултрадесничарската партија Национален собир. Пратениците од коалициската партија на Макрон – Ренесанса – беа воздржани, додека против беа радикалната партија Непокорена Франција и комунистите.

Со новиот закон се суспендира постепеното зголемување на возраста за пензионирање на 64 години до јануари 2028 година, како и планираното зголемување на минималниот број месечни пензиски придонеси. На тој начин, генерацијата родена во 1964 година ќе може да се пензионира на 62 години и 9 месеци со најмалку 170 месечни придонеси, наместо 63 години и 171 придонес предвидено со претходната реформа.