Никој нема да може да ја напушти Грција со неплатени казни – еве како ќе функционираат новите правила

Грција воведува нов, автоматизиран систем за контрола на сообраќајни прекршоци, кој ќе спречи странски државјани да ја напуштат земјата доколку имаат неплатени казни.

Новитетот, според Министерството за дигитална управа, ќе ја поврзе сообраќајната полиција со царинските служби. Тоа значи дека веднаш штом пристигнете на граничен премин, системот автоматски ќе ги прикаже сите ваши неплатени сообраќајни казни во Грција.

Без разлика дали сте запрени од полиција или ве снимиле сообраќајни камери — сметката ве чека на граница. Пример: ако ве регистрира камера во Солун, податоците за прекршокот веднаш ќе бидат испратени до граничниот систем, каде што ќе ве чекаат кога ќе се обидете да ја напуштите земјата.

Излезот од Грција ќе биде блокиран сè додека не го платите долгот.

Властите објаснуваат дека оваа мерка е неопходна, бидејќи годишно се изрекуваат казни во вредност од 100 до 110 милиони евра, но се наплаќаат едвај 40 милиони. Целта е подобра наплата, поголема сообраќајна дисциплина и фер однос меѓу возачите.

Паралелно, и Србија најави дека од 13 ноември ќе воведе дигитално возачко досие, со цел подобра контрола и евиденција на прекршоците.