Connect with us

Црна Хроника

Четири сериозни сообраќајки во Македонија: Повредени повеќе лица во Скопје, Битола и Гевгелија

Во последните 24 часа на територијата на Македонија се случија четири тешки сообраќајни несреќи, при што повеќе лица се здобија со тешки и полесни телесни повреди. Според полицијата, најчестите причини се невнимание и неприлагодена брзина.

Во Гевгелија, утрово околу 6 часот, патничко возило „Ауди“ со гевгелиски регистарски таблички, управувано од 26-годишниот Д.Т. од село Црничани, излетало од коловозот на регионалниот пат кај „Чавдарова чешма“ и удрило во канделабра и сообраќаен знак. Возачот се обидел да избегне домашно животно и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Гевгелија. Увид извршила екипа од ОВР Гевгелија.

Во Скопје, околу 00:25 часот, на крстосницата меѓу булевар „Словенија“ и стариот Качанички пат, се судриле „Фолксваген Голф“ и „Порше“, двете со скопски регистарски таблички. Возачот на „Голфот“ Р.И. (36) од с. Брест е тешко повреден, додека возачот на поршето Ф.А. (43) и неговите двајца сопатници – Џ.А. (43) и 16-годишник – се здобиле со полесни повреди. Тие се пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Градската болница „8 Септември“.

Неколку часа претходно, во 21:25 часот, на крстосницата меѓу булевар „Борис Трајковски“ и улица „Народни херои“ се случила несреќа помеѓу „Фолксваген Голф“ и „Опел“. Тешки повреди добила 30-годишната сопатничка С.К. од с. Морани, а телесни повреди имале 10-годишно дете и возачот на „Опелот“ Д.М. (45) од Скопје.

Во Битола, нешто по 22:20 часот, „Опел Корса“ со битолски регистарски таблички, управувана од 66-годишниот К.Ј., удрила две млади жени на возраст од 23 години. П.Р. се здобила со тешки повреди, а М.М. со полесни, и двете се пренесени во Клиничката болница во Битола.

Во сите четири случаи увид извршиле екипи на МВР, а се преземаат мерки за утврдување на причините за несреќите.

Advertisement

Црна Хроника

Паркинг расправија во скопско заврши со закани со оружје

Вербална расправија за паркинг место во скопското село Петровец прераснала во сериозен инцидент кога 41-годишен жител пријавил дека бил закануван со огнено оружје.

Според полицијата, инцидентот се случил околу 18 часот, откако по претходно недоразбирање осомничениот најпрво се обидел физички да го нападне пријавителот, а потоа му упатил закани, споменувајќи и огнено оружје.

– Во СВР Скопје беше пријавено дека по расправија околу паркинг простор, едно лице упатило сериозни закани со огнено оружје кон пријавителот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот – соопшти полицијата.

Засега не е потврдено дали оружјето било покажано или употребено, а полицијата продолжува со прибирање докази и изјави од вклучените лица. Министерството за внатрешни работи најавува дека по завршувањето на истрагата ќе следи соодветна пријава против осомниченото лице.

Continue Reading

Црна Хроника

Организирана група дрвокрадци разбиена во кумановско-липковскиот регион

При заедничка акција на ЈП „Македонски шуми“, Шумската полиција, Граничната полиција и СВР Куманово, во кумановско-липковскиот регион е разбиена поголема организирана група инволвирана во нелегална сеча и транспорт на огревно дрво во близина на границата со Косово.

Во рамки на акцијата, која се спроведувала неколку дена, одземена е поголема количина огревно дрво од повеќе локации, меѓу кои Злокуќани, Руница, Матејче и месноста Буково кај Белановце. Приведени се неколку косовски државјани, а запленето е и едно ТМВ комбе со фалсификувана документација.

Информацијата ја објави Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Македонски шуми“, кој соопшти дека против повеќе познати и непознати сторители се поднесени соодветни пријави.

„Во добро координирана акција, со учество на Шумската полиција од Куманово, Граничната полиција РЦ Север и СВР Куманово, беше сузбиена група дрвокрадци која подолг период оперирала во регионот. Одземена е значителна количина дрвни сортименти, а во Матејче е конфискувано и комбе со фалсификувани документи“, наведува Михаилов.

На лице место во Буково приведени се три лица, косовски државјани, кои биле дел од организираната група и истите се изведени пред судија на претходна постапка. Проценките се дека материјалната штета од нелегалната сеча на конфискуваното дрво надминува 300.000 денари, додека вкупната штета што групата ја предизвикала во подолг период се проценува на неколку милиони денари.

Надлежните најавуваат дека во наредниот период ќе се спроведе и дополнителна истрага за евентуална поврзаност на поединци од шумочуварската служба со оваа организирана група.

Continue Reading

Црна Хроника

Полициска акција во Штип: Лишени од слобода неколку полицајци

Вечерва во Штип се спроведува полициска акција. Според досегашните информации, во акцијата се лишени од слобода неколку полициски службеници.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција потврдија дека акцијата е во тек. Повеќе детали се очекуваат по завршувањето на истрагата.

Извор: 24info.mk

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг