Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот француски колега Емануел Макрон денес ќе се сретнат во Париз, каде што ќе разговараат за нови воени потреби на Киев и за заеднички проекти меѓу одбранбените индустрии на двете земји.
Според соопштението на Елисејската палата, целта на средбата е „француската извонредност во одбранбената индустрија да се стави во служба на украинската одбрана“ и да се овозможи набавка на клучни системи за спречување на руската агресија. Посебен акцент е ставен на заштитата на украинскиот воздушен простор — тема што Зеленски повторно ја истакна по последните масовни руски напади.
Украинскиот претседател, кој неодамна потпиша писмо за намера за набавка на 100 до 150 шведски ловци „Грипен“, денес во Париз ќе ги види и француските борбени авиони „Рафал“, современи дрон-системи и новата генерација противвоздушна одбрана SAMP-T. Овој систем треба да биде испорачан на Франција во 2027 година, а неговите способности за пресретнување ракети се значително подобрени во однос на претходната верзија, од кои една е веќе распоредена во Украина.
Зеленски најави дека Киев и Париз работат на „голем договор“, кој го нарече „историски“ и кој, како што рече, би можел многу брзо да биде финализиран. Тој откри дека преговорите опфаќаат неколку системи за противвоздушна одбрана и дополнително засилување на украинските воздушни сили.
Претседателот Макрон минатиот месец веќе најави испорака на противвоздушни ракети Aster за системот SAMP-T, како и дополнителни борбени авиони Mirage 2000. Украина досега примила три од шесте ветени авиони.
Двајцата лидери денес ќе учествуваат и на француско-украински форум посветен на развојот на беспилотни летала. Киев планира оваа година да користи повеќе од 4,5 милиони дронови, кои според украинските власти се одговорни за 70% од уништувањето на руската воена опрема на првата линија на фронтот. Земјата веќе изгради широка производствена мрежа за оваа технологија.
Украина користи дронови и за пресретнување на иранските „Шахед“, кои речиси секоја ноќ се лансираат кон нејзината територија.
