Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека имињата на болниците и лекарите кои непотребно упатувале пациенти на операции на срце и извршиле непотребни интервенции ќе бидат јавно објавени откако ќе заврши конечниот извештај на комисијата.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Алиу појасни дека објавувањето ќе следи по завршувањето на втората фаза од процесот, кога ќе се вклучат и тројца меѓународни експерти.
„Сè уште е драфт-верзија. Надворешните експерти можеби ќе имаат различен наод, па извештајот ќе се анализира уште еднаш заедно со нив“, рече Алиу.
Министерот нагласи дека комисијата брои 15 стручни членови, вклучувајќи лекари од државни и приватни институции, и дека одлуките се носат со мнозинство. За секој случај постојат детални записници, административни и клинички документи, кои се целосно проверливи.
„Еден или два гласа не можат да го променат резултатот. Сите наоди се документирани и анализирани со компјутери и видеобим“, додаде Алиу.
Конечниот извештај ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството, а по неговото добивање ќе се подготви и акциски план за зајакнување на системските механизми и спречување на слични случаи во иднина.
Министерот истакна дека целта е целосна транспарентност и зачувување на довербата во кардиохируршките и васкуларните услуги.
„Крајниот извештај нема да биде само информација за пациентите кои биле скенирани, туку ќе ни послужи како патоказ за измени во закони и креирање на акциски план за зајакнување на здравствениот систем“, изјави Алиу.
