Утре почнува судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“

Утре започнува судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени. Првото рочиште е закажано во 9:30 часот во судницата на КПУ Идризово, со засилени безбедносни мерки и присуство на лекарска екипа.

Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица. Постапката ќе се води со темпо од две рочишта неделно, а судот апелира до медиумите за достоинствено известување, без сензационализам, со почит кон жртвите и нивните семејства.

Судскиот процес ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството ќе биде застапувано од проширен тим од 15 јавни обвинители, со цел да се обезбеди ефикасна и фер постапка.

Обвинителниот акт опфаќа тешки дела против општата сигурност, меѓу кои сериозни пропусти во организацијата на обезбедувањето на објектот.

Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.