Connect with us

Македонија

Германија: Напредокот со Бугарија е клучен за ЕУ-процесот на Македонија

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, за време на вчерашната посета на Скопје, им порача на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека напредокот во односите со Бугарија претставува неопходен услов за понатамошни успеси во пристапниот процес кон Европската Унија.

Во својата објава на Инстаграм, Вадефул истакна дека перспективата за членство во ЕУ е една од главните теми во разговорите што ги води во рамки на регионалната турнеја низ Западен Балкан.

„Германија ја поддржува Македонија на овој, не секогаш едноставен пат. Земјата веќе има постигнато многу. Сега е особено важно да се унапредат односите со Бугарија, за да може да се оствари натамошен напредок во пристапниот процес“, наведе Вадефул.

Германскиот министер додаде дека токму за ова прашање разговарал на одделни средби со Муцунски и Мицкоски, при што се осврнале и на евроинтегративниот пат, реформските процеси и поддршката што Берлин континуирано ја дава на земјите од Западен Балкан.

Претходно, Муцунски соопшти дека средбата со германскиот шеф на дипломатијата потврдува силна германска поддршка за европскиот курс на Македонија и регионалната стабилност.

По разговорите, не беше предвидена прес-конференција ниту изјава за медиумите.

Advertisement

Македонија

По моделот на Украина, Македонија може технички да ги продолжи преговорите со ЕУ

По преседанот направен со Украина, се отвора можност Северна Македонија технички да ги продолжи преговорите за членство во Европската унија, и покрај тоа што сè уште нема конечно решение со Бугарија, оценуваат аналитичари и европски извори.

Според овој модел, земјата би можела да напредува во техничките и реформските делови од преговорите, без формално затворање на политичките прашања поврзани со билатералниот спор со Софија. Таквиот пристап веќе беше применет во случајот со Украина, каде што ЕУ дозволи паралелно водење на процесите.

Идејата е Македонија да не биде целосно блокирана на европскиот пат, туку да продолжи со усогласување на законодавството, реформите во институциите и исполнувањето на европските стандарди, сè додека се бара прифатливо решение со Бугарија.

Поддржувачите на ваквиот пристап сметаат дека тоа би испратило позитивна порака и би ја одржало реформската динамика и европската перспектива на земјата, додека критичарите предупредуваат дека политичките условувања и натаму остануваат сериозен предизвик.

Сепак, ваквиот можен пресврт во пристапот на ЕУ отвора нова дебата за тоа како Унијата се справува со билатералните спорови и дали ќе покаже поголема флексибилност кон земјите кандидати во наредниот период.

Continue Reading

Македонија

„Трн“ по втор пат ги награди храбрите иницијативи што го менуваат општеството

Редакцијата на Трн по втор пат ги награди иницијативите што храбро го менуваа општеството во 2025 година

На 13 декември 2025 година, редакцијата на „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои со својата работа, ангажман и храброст придонесуваат кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество.

Со овие награди, редакцијата на „Трн“ уште еднаш испрати јасна порака дека општествените промени не започнуваат од големите декларации, туку од конкретни дела, локални иницијативи и луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата.

Како и минатата година, жирито беше составено од редакцискиот тим на „Трн“, кој секојдневно ги следи, документира и анализира процесите што го обликуваат јавниот простор, граѓанскиот отпор и солидарноста во Македонија.

ТРН НАГРАДИ

Категории што го мапираат општествениот ангажман

Признанијата се доделуваат во категории кои симболично ги опфаќаат клучните општествени борби и вредности: унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, заштита на јавното здравје, младински иницијативи, интервенции во јавен простор и заштита на правата на Ромите.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН се доделува на борците за унапредување на женските права. Во оваа категорија беа доделени две признанија, како одраз на различни, но подеднакво значајни форми на активизам.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН беше врачена на Сара Миленковска за нејзиниот доследен активизам во различни иницијативи за женски права и родова еднаквост, за јасниот јавен говор и за отворањето простор за теми кои често се премолчуваат, но длабоко ја засегаат реалноста на жените.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН ја доби и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за нивната континуирана, системска борба за женските права, телесната автономија и родовата правда.

Наградата ЗДРАВ ТРН за заштита на јавното здравје претставува награда за солидарноста што не застанува на зборови, туку се претвора во конкретна грижа и поддршка.

Оваа награда беше врачена на Support Kochani, за нивните иницијативи за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучувајќи го и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“, како и бројните акции за собирање донации и медицински препарати.

МЛАДИНСКИ ТРН се додели на глас кој ја разбира политиката од перспектива на младите и ја преведува нивната реалност во јасни и аргументирани пораки. 

Оваа награда ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот инспиративен медиумски настап со постизборна анализа од младински агол, за пораките за генерацискиот јаз во Македонија и за отворањето прашања поврзани со потребите, политичката свест и улогата на младите во општеството.

Во категоријата ТРН НА ЕДНАКВОСТА за заштита на правата на Ромите, беа доделени две признанија, како признание за институционалниот и личниот активизам.

Наградата ТРН НА ЕДНАКВОСТА ја врачивме на Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик, и за нивниот придонес во промоцијата на културната разноликост и инклузијата.

ТРН НА ЕДНАКВОСТА беше доделен и на Ѓултен Мустафова (Ромалитико) за нејзиниот активизам за правата на жените Ромки и за континуираната борба за видливост, достоинство и еднаквост на Ромската заедница.

ИНТЕРВЕНТЕН ТРН е за гласовите кои во јавниот простор зборуваат храбро, директно и без компромис.

Наградата за интервенција во јавен простор беше доделена на Колективот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за говорот на церемонијата по повод доделување на наградите „3-ти Ноември“ и за јавното застапување за изградба на нова театарска зграда.

Награда ви оваа категорија беше доделена и на Иницијативата „Кој е следен?“, за нивните континуирани интервенции во јавниот простор, борбата за правда и отпорот против системската корупција.

Мал трн, голема порака

Признанијата на „Трн“ не се финансиски, ниту институционални. Тие се симболичен гест на солидарност, благодарност и јавно признавање – порака дека некој гледа, слуша и препознава.

Со второто издание на овие награди, „Трн“ ја зацврстува својата позиција како медиум кој не само што известува, туку и активно учествува во градењето на јавниот простор, вредностите и критичката мисла.

Continue Reading

Македонија

Историски зафат во детската ортопедија: За првпат во Македонија оперирано дете со ретка конгенитална деформација

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за првпат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет. Интервенцијата е реализирана во соработка со реномираниот ортопед проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.

Овој медицински зафат претставува значаен напредок во развојот на домашниот здравствен систем и зајакнување на капацитетите за третман на ретки и сложени ортопедски состојби кај деца. Процедурата е резултат на тимска работа меѓу ортопедите, анестезиолозите, интензивната нега и ургентната служба, како и на успешен пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, истакнува дека интервенцијата е пример за врвна мултидисциплинарна координација со јасен фокус на безбедноста и квалитетот на третманот. Според него, соработката со меѓународни експерти овозможува значителен исчекор во лекувањето на ретки конгенитални деформации, со цел ваквите процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјава.

Министерот за здравство, Азир Алиу, нагласува дека довербата во здравствениот систем се гради преку конкретни резултати, знаење и силна тимска работа. Тој посочува дека Министерството ќе продолжи со поддршка на модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со што најсложените интервенции ќе можат да се изведуваат во државата.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба кај која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради нарушена миграција за време на ембрионалниот развој. Оваа состојба најчесто предизвикува видлива деформација и ограничена подвижност на рамото, а може да биде поврзана и со други аномалии, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза или омовертебрална лента. Оперативниот третман најчесто се спроведува кај деца на возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и естетскиот изглед.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг