Connect with us

Република

Водостојот на Охридското Езеро нагло порасна по силните ноемвриски дождови

Интензивните врнежи што го зафатија охридскиот регион во последните десетина дена значително го зголемија водостојот на Охридското Езеро, враќајќи го над просечните сезонски вредности.

Според најновите податоци од хидролошките служби, денешното ниво изнесува 693,39 метри надморска височина – околу десет сантиметри над вообичаениот ноемвриски просек. Овој раст е уште повпечатлив ако се спореди со состојбата пред само десет дена, кога водостојот бил десет сантиметри под просекот. Со тоа, езерото за краток период се зголеми за вкупно дваесет сантиметри, што јасно ја покажува количината врнежи што паднаа во регионот.

Температурата на водата денес достигнува 13 степени Целзиусови, што е во рамки на долгогодишниот ноемвриски просек. Според научниците, стабилноста на температурата е важен индикатор дека, и покрај брзиот раст на нивото, биолошката рамнотежа во езерото не е нарушена.

Подигнатиот водостој носи олеснување за локалните жители, рибарите и туристичкиот сектор, особено по периоди во кои честопати се алармираше за ниски нивоа и потенцијални ризици. Охрид влегува во зимата со значително подобра хидролошка состојба, што го намалува ризикот од критично ниски водостои напролет.

Сепак, експертите потсетуваат дека краткорочните порастови не смеат да предизвикаат лажна сигурност. Климатските промени, со нивните екстремни и непредвидливи периоди на дождови и суши, остануваат примарен предизвик. Затоа неопходно е внимателно управување со целиот слив на Охридското Езеро – од притоките, преку испустите, до заштитата на крајбрежјето – за да се обезбеди долгорочна стабилност.

Актуелните бројки се позитивен сигнал, но и потсетник на чувствителноста на ова уникатно природно богатство на секоја промена во врнежите и климатските услови.

Извор: Рацин.мк

Advertisement

Република

Проданоски: Празнична бајка на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“

На плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп денеска се одржа германски Божиќен базар, кој во празнична атмосфера обедини ученици, наставници, граѓани и гости од повеќе општини низ државата. Настанот беше исполнет со божиќни колачиња и переци, рачно изработени празнични украси, песни на германски јазик и креативни изведби на младите учесници.

Германскиот Божиќен базар беше организиран од Здружението на наставници по германски јазик, со поддршка од Гете-институтот од Скопје, Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија и Општина Прилеп. Голем интерес предизвика активното учество на ученици од основните и средните училишта во Прилеп, кои преку својата креативност придонесоа за автентична празнична атмосфера.

На настанот присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, што, според Проданоски, претставува значајна поддршка и потврда за важноста на ваквите културно-образовни иницијативи.

Проданоски истакна дека ваквите настани им овозможуваат на младите да се запознаат со други култури и традиции, да развиваат почит, толеранција и отвореност кон различностите – вредности кои се основа на современо и европско општество. Тој нагласи дека Прилеп уште еднаш се покажа како град кој ги негува културните настани, ги поддржува младите и живее со празничниот дух.

Упатени беа честитки до организаторите и благодарност до сите деца и млади учесници, кои со својот труд и ентузијазам го направија настанот посебен.

Continue Reading

Република

Инвестиција на Министерството за спорт – Тетово доби современо уреден простор за спорт и рекреација

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, денеска официјално го пуштија во употреба реконструираниот спортски центар „Блок 70“, кој претставува современо уреден простор наменет за спорт, рекреација и унапредување на здравите животни навики.

Со оваа инвестиција, локалното население, а особено младата популација, добива комплетно уреден спортски комплекс кој опфаќа детско игралиште, фудбалско игралиште, кошаркарско игралиште со полипропиленски под, како и фитнес зона опремена со современи реквизити.

Реконструкцијата на спортскиот центар „Блок 70“ е уште еден успешно реализиран проект на Министерството за спорт, во рамки на програмата за изградба и обнова на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел создавање квалитетни и достапни услови за спорт и рекреација за сите граѓани.

Министерството за спорт и понатаму останува посветено на вложувања во спортската инфраструктура во сите општини во државата, со јасна заложба спортот да биде достапен за сите, во секој град и во секоја населба.

Continue Reading

Република

Делчево воведува засилен надзор и повикува на пријавување на загадувањето на воздухот

Општина Делчево упати апел до граѓаните, како и до правните и физичките лица, активно да пријавуваат случаи на загадување на амбиенталниот воздух со цел подобра заштита на животната средина и јавното здравје. Од општината потсетуваат дека согласно законските прописи е строго забрането користење на гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла и друг вид отпад како огревен материјал, бидејќи при нивно согорување се ослободуваат токсични материи кои сериозно го загадуваат воздухот.

Во таа насока, општинските инспекциски служби најавија вонредни инспекциски контроли, особено во инсталациите каде се регистрираат зголемени емисии на штетни честички. При утврдување неправилности ќе се преземаат соодветни казнени мерки, во согласност со важечката законска регулатива.

Од Општина Делчево информираат дека според Законот за животна средина, сите инсталации се обврзани да поседуваат елаборати за заштита на животната средина, во кои е прецизно утврдено кое огревно средство смее да се користи. Дополнително, строго е забрането текстилните фабрики да издаваат отпаден текстил на физички лица.

Граѓаните можат да пријават загадување на воздухот преку Архивата на Општина Делчево на ул. „Светозар Марковиќ“ бр. 1, преку формата „Пријави проблем“ достапна на општинската веб-страница, на е-поштата info@delcevo.gov.mk, директно до инспекторот за заштита на животната средина, како и преку другите електронски канали на општината.

Општина Делчево информира и дека преку проектот „Спречување на загадувањето на воздухот со помош на едукативни технички решенија“ е набавена нова станица за мониторинг на PM10 честичките. Преку линк достапен на општинската веб-страница, граѓаните имаат можност во реално време да го следат квалитетот на воздухот во Делчево.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг