Connect with us

Македонија

Спортот и спортската дипломатија првпат вклучени во Националната стратегија за соработка со дијаспората 2026-2030

Спортот и спортската дипломатија за првпат се вклучени како посебен постулат во Предлог–текстот на Националната стратегија за соработка со дијаспората 2026–2030, кој денеска беше презентиран на јавната дебата во Владата. Во рамките на понатамошниот инклузивен процес, Стратегијата ќе биде објавена и на Националниот регистар на прописи – ЕНЕР.

Носител на процесот за изработка на Стратегијата е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во соработка со ресорните министерства, меѓу кои и Министерството за спорт, и други институции надлежни за областите опфатени во соработката со дијаспората.

Националната стратегија има за цел да ги зајакне врските меѓу матичната држава и македонските граѓани во странство, со акцент на пет клучни области: конзуларни и социјални услуги, култура и туризам, образование и зачувување на мајчиниот јазик, спорт и спортска дипломатија, како и економија, инвестиции и надворешна трговија.

Вклучувањето на спортот како посебен постулат е резултат на анализите и анкетите спроведени од Министерството за спорт, кои покажаа јасна потреба од зајакнување на спортската соработка со дијаспората, подобар трансфер на знаење и зголемена промоција на македонскиот спорт во странство.

Спортската дипломатија, како современ елемент на јавната дипломатија, е препознаена како алатка за унапредување на меѓународната соработка, промовирање на националните вредности, поттикнување мир, толеранција и меѓусебно разбирање. Спортот, како универзален јазик, претставува значајна можност младите од дијаспората да ја зајакнат врската со матичната земја и да придонесат кон нејзината меѓународна видливост.

Во рамките на Стратегијата, планирани се повеќе конкретни мерки и активности:

-воспоставување систем за идентификација и евиденција на спортскиот потенцијал од дијаспората

-поттикнување трансфер на знаење и искуство во домашниот спортски систем

-промоција и застапување на македонскиот спорт во странство

-вклучување спортисти од дијаспората во национални тимови и програми

-формирање Национален совет за спортска дијаспора

-назначување спортски амбасадори од редовите на дијаспората

-организирање промотивни активности и настани предводени од спортските амбасадори

-подобрено вмрежување, чувство на припадност и меѓународен углед на македонскиот спорт.

Со овие мерки, спортот станува значаен столб во новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2026-2030, со цел јакнење на врските со македонските граѓани низ светот и унапредување на меѓународната позиција на македонскиот спорт.

Македонија

Спиропали во Скопје: Албанската министерка во официјална посета

spiropali

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе ја пречека министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која е во прва официјална посета на нашата земја.

На средбата ќе се дискутира за актуелните политички состојби во двете земји, билатералните односи и перспективите за нивно продлабочување, како и за заедничките можности за соработка во сите области.

По разговорот и билатералната средба на делегациите на двете министерства, Муцунски и Спиропали ќе се обратат пред медиумите на заедничка прес-конференција.

Continue Reading

Македонија

Кој ќе седне на местото на Коцевски? Советот повторно решава

Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која ќе се одреди вршител на должноста државен јавен обвинител на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе неотповиклива оставка. Претходната седница, на која требаше да се избере негов заменик до изборот на нов шеф на обвинителството, беше одложена поради отсутност на членот Јелена Догазанска Колева.

Коцевски оставката ја поднесе на 17 декември, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување. Во образложението на оставката, тој истакна дека функцијата ја вршел чесно и достоинствено, а решението за заминување го објасни со „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, оценувајќи го предлогот за негово разрешување како политичка одлука.

Првично седницата за определување на вршител на должноста државен јавен обвинител беше закажана за 19 декември, но одложена по предлог на членот Ермон Незири, кој посочи дека изборот на в.д. јавен обвинител е „значајно прашање“ и треба да се донесе во полн состав на Советот. Со ова се согласија сите присутни членови.

Според закон, вршителот на должноста се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство и ќе ја извршува функцијата до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Меѓу потенцијалните кандидати се јавните обвинители Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.

Љупчо Коцевски е во обвинителството од 2008 година, кога беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар. На функцијата државен јавен обвинител беше избран од Советот на 18 јануари 2022 година, а Собранието го именуваше на 13 февруари 2024 година.

Процесот за избор на нов државен јавен обвинител е строго регулиран: кандидатот треба да биде државјанин на Македонија, да владее македонски јазик, да има завршено правни студии и положен правосуден испит, како и најмалку 10 години непрекинат стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.

Собранието го распишува огласот за избор на нов јавен обвинител, а кандидатите имаат 15 дена да поднесат пријави. Владата потоа побарува мислење од Советот на јавни обвинители, кој има рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење. Ако Советот не достави мислење во рокот, рокот се продолжува за уште 15 дена, а доколку ни тогаш нема мислење, се смета дека е позитивно.

Ако Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи именување и ќе предложи на Собранието да распише нов оглас.

Continue Reading

Македонија

Железницата се модернизира со нови локомотиви преку кредит од ЕБОР

Железничкиот транспорт во Северна Македонија добива нов стимул: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри набавката на нови локомотиви со заем од 20,9 милиони евра. Предлог-законот за задолжување на државата е веќе доставен до Собранието, а целта е јасна – да се обнови товарниот возен парк и да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки.

„Главната цел на проектот е да се обезбеди повеќе локомотиви кои ќе можат да пружат услуги за транспорт, со што ќе се зголеми и приходот на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД“, стои во Предлог-законот. Независен консултант ангажиран од ЕБОР препорачал набавка на до пет електрични локомотиви со високо техничко ниво. Покрај возилата, проектот вклучува и обука на персоналот, специјални алатки и резервни делови за воспоставување режим на редовно одржување.

Заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати во рок од 15 години, со четиригодишен грејс период, а каматната стапка е варијабилна – шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1%, додека за неповлечени средства провизијата изнесува половина процент.

Сепак, и покрај оваа инвестиција, проблемите на железницата се далеку од решени. Бизнис-планот за 2025 година покажува дека состојбата со влечните капацитети е критична – железницата работи на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност. Старите локомотиви и вагони, неадекватната структура на товарниот возен парк и ненавремените инвестиции во поправки ја загрозуваат способноста на компанијата да ја исполни планираната работа и возен ред.

Вкупниот инвентарски парк на товарни вагони изнесува 1.382 вагони, од кои само 510 се со важечка ревизија, додека 870 се пред ревизија. Структурата и видот на вагоните не се оптимални за различните видови стоки, а старосната структура е неповолна – многу вагони се стари меѓу 37 и 42 години.

Голем предизвик остануваат и инфраструктурните инвестиции, кои се неопходни за враќање на значењето на железничкиот транспорт во земјата. Приходите од товарниот сообраќај за 2025 година се предвидени да изнесат 7,8 милиони евра, но тоа е значително помалку од планираните трошоци од 13,6 милиони, што ќе резултира со загуба од околу 5,7 милиони евра.

Јасно е дека набавката на нови локомотиви е само прв чекор во обновата на железничкиот транспорт – потребни се многу дополнителни инвестиции за да се врати конкурентноста и стабилноста на секторот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг