„Во првиот ден и првата недела од лансирањето на апликацијата за достава во Скопје, Wolt забележа најмногу нарачки на платформата, гледано глобално, повеќе од кој било град во светот откако компанијата работи“, вели Ѓорѓе Давидовиќ, извршен директор на Wolt Македонија и Србија.
(Скопје, 26 ноември 2025) – Wolt, омилената апликација за достава во Македонија ги анализираше стотиците илјади нарачки направени во Скопје годинава, кои покажуваат дека граѓаните не ја користат апликацијата за достава само за скара и за омилени брзи оброци, туку сè почесто и за секојдневни намирници. Според анализата на најновите бројки за трендот на нарачки во градот, скопјани „живеат“ на ќебапи и помфрит, ги обожаваат локалните бургери и сендвичи, а сè почесто за дома нарачуваат и основни намирници како вода, млеко и масло за јадење. Сегментот здрава храна е видлив и со тенденција на раст.
„Во првиот ден и првата недела од лансирањето на апликацијата во Скопје, Wolt забележа најмногу нарачки на платформата, гледано глобално, што значи повеќе од кој било град во светот откако компанијата работи. Скопје е еден од градовите каде што локалната гастрономија многу природно се префрлува во дигиталниот свет. Од семејните ќебапчилници до модерните ‘fitness’ кујни, партнерите на Wolt го претвораат она што луѓето одамна го сакаат офлајн во практично, онлајн искуство,“ вели Ѓорѓе Давидовиќ, извршен директор на Wolt Македонија и Србија.
Анализата се однесува на периодот од 1 април, кога Wolt официјално започна со работа во Македонија, до 20 ноември 2025 година и опфаќа над стотици партнери на платформата. Повеќето нарачки се од ресторани, потоа од продавници за намирници и уште еден мал дел од останатите трговци, иако аквизицијата на нови партнери е брза, изборот е се подобар и потенцијалот за раст е голем. Ова потврдува дека топлата храна и натаму е главната причина поради која скопјани користат апликации за достава, додека брзата достава на намирници веќе станува значаен втор сегмент.
Скара-културата во Скопје се сели онлајн
На врвот на листата на најчести достави е ќебапот, како најпопуларна порција. Високо на листата се и класичните прилози помфрит во различни големини, свински гиро-пити и такоси, сите се наоѓаат меѓу првите десет артикли.
Категоријата „Скара“ е најголема на платформата според обем, а веднаш зад неа следуваат додатоците, враповите, помфритот и бургерите. Ова ја одразува силната позиција на традиционалната балканска скара и модерната брза храна во урбаната исхрана на Скопје.
На врвот се истакнуваат локални „херои“ како Venice Fontana, Baking Bread – Rekord, Fontana Kebapcilnica Kisela Voda (Original), Munchies burger и Bon Tacos.
Од бургери до нутритивно балансирани оброци – расте апетитот за поздрави опции
Покрај омилената утешителна храна податоците на Wolt го покажуваат и растот на концептите со храна кои нудат балансирани оброци. Меѓу објектите со најголем обем на нарачки е и Fitness House, кои нудат салати, протеински оброци и нутритивно избалансирани оброци за скопјани кои сакаат поздрав ручек или вечера.
Овој растечки сегмент се вклопува во пошироките трендови на е-трговијата во Македонија, каде што потрошувачите сè повеќе ги прифаќаат дигиталните канали не само за уживање, туку и за секојдневни потреби и производи за благосостојба.
Мали набавки во последен момент: вода, млеко и газиран сок за 30 минути
На македонскиот пазар Wolt, покрај понудата на храна од ресторани, веднаш почна и со понуда од продавници кои нудат намирници. Иако во Скопје рестораните доминираат со нарачките преку Wolt, доставата на намирници од локалните продавници е во постојан раст. Најнарачувани артикли се флаширана вода од 1,5 литар, млеко, газиран сок и сончогледово масло – градивните елементи на секојдневната домашна рутина.
Партнери како Bumerang Tobacco, маркетите Reptil и La Noi Market се издвојуваат како клучни играчи во овој сегмент, помагајќи им на жителите на Скопје да го дополнат фрижидерот и шпајзот без да излезат од дома.
„Она што јасно го гледаме во податоците е следново: луѓето веќе се чувствуваат удобно да нарачуваат храна преку Wolt, а сега сè почесто додаваат и основни намирници. Нашата цел е да биде подеднакво лесно да ги добиете и ќебапите, и млекото, и 1,5-литарската вода – во истата апликација,“ додава Ѓорѓе Давидовиќ.
Пазар со простор за раст
Во последните години во Македонија е-трговијата брзо расте, поддржана од поголемата интернет-покриеност и популарноста на меѓународните платформи, со значителен дел од онлајн-нарачките што одат кон странски веб-страници.
Во овој контекст, податоците на Wolt од Скопје покажуваат како локалните и регионалните играчи можат да изградат силни, локално релевантни дигитални услуги, засновани на тоа што луѓето навистина го јадат и купуваат секој ден.
Во Македонија Wolt расте со јасна цел да понуди квалитет, да изгради стабилна основа во Скопје преку проширување на мрежата на ресторани, продавници, курири и унапредување на операциите. Следен чекор е да се прошири и во други градови, каде е препознаен силен локален интерес. Првите резултати за користењето на услугата Wolt+ се одлични и покажуваат дека корисниците заштедуваат, нарачуваат почесто и откриваат нови места, што за трговците носи дополнителен раст. Партнерството со Телеком МК, овозможува на корисниците на Magenta Moments 12 месеци бесплатно да ја користат услугата Wolt+, со што уште еднаш се потврдува дека моделите на претплата добро функционираат на локалниот пазар. Wolt тестира и опција за плаќање во готово, која наскоро ќе биде достапна со цел чекор по чекор да ја изгради најдоверливата платформа за „сè доставено“ во земјата.
„Ова е само почеток,“ вели Ѓорѓе Давидовиќ. „Скопје има богата култура на храна и дигитално писмена популација. Возбудени сме што продолжуваме да градиме платформа која го одразува и едното и другото, заедно со нашите трговски партнери и доставувачи-партнери.“
За Wolt
Wolt е технолошка компанија со седиште во Хелсинки, чија мисија е да донесе радост, едноставност и можности за заработка во секојдневието на локалните заедници. Wolt развива платформа за локална трговија која ги поврзува луѓето што сакаат да нарачаат храна, намирници и други производи со луѓе и бизниси што се подготвени да ги продаваат и доставуваат.
Компанијата е основана во 2014 година и во 2022 година ѝ се придружи на DoorDash (NASDAQ: DASH). Во 2025 година, DoorDash ја стекна и Deliveroo, дополнително проширувајќи го своето глобално присуство. Денес, заедно оперираме во повеќе од 30 земји.
Пазарот на недвижности во Македонија расте: Центар и Аеродром предводат според вредност и трансакции
Гаража во скопската општина Аеродром беше продадена за 30.000 евра, додека цените на становите во Охрид во првата половина од 2025 година пораснале за 27 отсто. Овие податоци произлегуваат од Извештајот на Регистарот за цени и закупнини, објавен од Агенцијата за катастар на недвижности, кој ја прикажува динамиката на пазарот на недвижности во земјата.
Во општина Центар е постигната највисока цена за стан — 2.857 евра по квадрат, што за стан од 105 квадратни метри изнесува 300.000 евра. Во истата општина е продадена и најскапата куќа — за 1,15 милиони евра, со 373 квадратни метри станбена површина и 1.357 квадратни метри земјиште.
Најскапо продадениот деловен простор, со површина од 3.131 квадратен метар, достигна цена од 6,8 милиони евра, додека индустриски објект во Илинден е продаден за 190,1 милион денари. Гаражата во Аеродром, со површина од 24 квадратни метри, достигна цена од 1,85 милиони денари, или 77.250 денари за квадрат.
Највисок скок на цените на становите е забележан во Охрид (27%), следат Центар и Тетово (по 22%) и Битола (20%), додека најмал раст е во Струмица (2%). Најмногу станови се продадени во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), со највисока вкупна вредност во Центар (1,26 милијарди денари), следен од Аеродром (1,19 милијарди денари) и Карпош (1,06 милијарди денари).
Во првата половина на 2025 година се регистрирани 15.779 трансакции — за 8,9% повеќе од истиот период лани, со вкупен обем од 515,9 милиони евра. Најголем дел од купопродажбите се однесуваат на земјоделско земјиште и шуми (32,8%) и станови (32,5%).
Анализата покажува дека Центар бележи раст на обемот на купопродажби од 32%, додека Аеродром бележи пад од 29%. Во однос на вкупната вредност, Кисела Вода расте за 59%, а Куманово бележи пад од 26%, што укажува на динамичен и различно развиен пазар низ градовите.
Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно со работниците, општините, со заедниците – Божиновска на Националниот настан за Локалните економско-социјални совети
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.
„ Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави министерката Божиновска.
Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно.“ истакна Божиновска.
Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање на локални проекти:
„ Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени,“ додаде Божиновска..“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на поддршка на локалните процеси, на развој на зелени работни места, нови индустрии и стабилни услови за економски раст во сите региони
МБИ10 во пад од 0,20% при промет од 11,48 милиони денари
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 10 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,20%, спуштајќи се на 10.219,32 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени. Вкупниот промет изнесуваше 11,48 милиони денари, при што тргувањето беше најактивно кај Комерцијална банка, Алкалоид и Стопанска банка, кои повторно ја предводат пазарната ликвидност.
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 4.343.820 денари
● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 1.969.180 денари
● Стопанска банка АД Скопје (STB) – 2.201.730 денари
Топ добитници
● Реплек АД Скопје (RPK) +0,06%
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) +0,07%
● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) +0,41%
Топ губитници
● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,34%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –2,95%
● Македонски Телеком АД Скопје (TEL) –1,08%
Обврзнички пазар
На обврзничкиот пазар беше реализирана една трансакција со обврзницата за денационализација „Р. Македонија – ДЕН 22“ во вкупен износ од 638.350 денари, по цена од 94 евра, што претставува раст од 1,08%. Сите други обврзници останаа без промени во цените и без реализирани трансакции.
На берзанската сесија од 10 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на банкарскиот и фармацевтскиот сектор. Индексот МБИ10 бележи благ пад од 0,20%, при што Комерцијална банка и Алкалоид повторно беа најликвидни. Падот на Стопанска банка и Македонски Телеком имаше најголем негативен ефект врз индексот. Обврзничкиот пазар остана со ограничена активност и стабилен индекс ОМБ.