Connect with us

Економија

Рударството во Европа – прашање на безбедност, Македонија сѐ уште балансира

Она на што во минатото се гледаше како на „суровинска база“ за технолошки развој, денес во Европската унија е во центарот не само на економските, туку и на стратешките безбедносни политики. Рударството и преработувачките капацитети станаа критично неопходни за постигнување на климатските цели, како и целите на дигиталната и енергетската транзиција на земјите членки. На десеттата конференција за критични минерали, Европската унија најави нов повик за финансирање на рударски и преработувачки капацитети, со јасна порака: кој ќе обезбеди сигурен пристап до металите на енергетската транзиција, ќе ја обезбеди и својата индустриска и одбранбена иднина.

Повикот доаѓа како одговор на неизвесноста што надвисна над Европа поради заострените трговски и геополитички тензии меѓу САД и Кина околу ретките минерални суровини, наметнувајќи ја темата дека од критичните суровини зависи и економската и воената сигурност на Унијата. Со носењето на Законот за критични суровини, ЕУ јасно ја постави целта и покрена иницијативи за диверзификација на снабдувањето, но се соочува со предизвици при претворањето на овие планови во реалност, поради бавната бирократија и недоволните инвестиции во домашни проекти.

Во таа насока, минатиот месец во „Фајненшл тајмс“ се појави анализа дека Европа заостанува во трката за создавање стоковни резерви на критични суровини, и дека без сопствени резерви ќе остане ранлива на ценовни шокови и извозни контроли од страна на големите добавувачи, како што е Кина. Во ваков контекст, стоковните резерви не се само економска мерка, туку и прашање на безбедност и стратешка автономија: без нив, секоја турбуленција на пазарот може да се прелее во индустриски застои, поскапувања и дополнителна зависност од политичката волја на трети држави.

Каде сме ние во оваа голема слика?

Македонија сѐ уште има балансиран пристап кон рударските проекти, иако формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) праќа сигнал дека рударството ќе биде дел од стратешките економски политики на државата. Самиот процес на „будење“ на рударската индустрија, сепак, се одвива бавно.

Во МЕРМС е во тек подготовка на два нови предлог-закона, за геологија и за рударство, кои треба да го заменат постојниот Закон за минерални суровини. Со новите закони рударството ќе се помести кон модел во кој клучен дел од новите проекти мора да бидат рекултивацијата, заштитата на животната средина и придобивките за локалната заедница.

Овој поместувачки момент доаѓа во време кога Европа паралелно промовира рударски проекти, но ја заострува и регулативата за рударството. Земји како Шведска и Германија одамна покажуваат дека современ рудник значи истовремено и строги стандарди за животната средина, транспарентност и план за „живот после рудник“.

Новата регулатива во Македонија треба да обезбеди подобра заштита на животната средина, со имплементација на строги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини. Ќе се воведе обврска за санација и рекултивација на терените по завршување на рударските активности, како и можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта. Рударските компании ќе имаат обврска да обезбедат поддршка на локалните заедници – преку инвестиции во локална инфраструктура и во социјален развој – а заедниците ќе се вклучат во процесите на одлучување.

Исто така, поголем дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството ќе остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата. Се предвидуваат и поголема контрола и транспарентност, кои треба да обезбедат и подобра заштита на природните ресурси.

Со новиот Тарифник од 1 јануари 2025, уделот што им се распределува на општините за бакар, злато, олово и цинк е двојно зголемен од 2% на 4% од пазарната вредност по тон метал во концентрат. Министерството веќе информираше дека за концесиски надоместоци се наплатени рекордни 931 милион денари за девет месеци во 2025 година.

Осогово и домашната карта на критични суровини

На домашен терен, Осоговскиот масив и кратовско-злетовскиот појас одамна се дел од „тврдиот“ индустриски профил на Македонија. Рудникот „Злетово“ и поширокото наоѓалиште традиционално се третираат како олово-цинков систем, но минералната слика е многу поширока: во минерализацијата и во секундарните текови се среќаваат сребро, германум, индум, кадмиум, бизмут, галиум и злато. Овие елементи имаат растечка технолошка употреба во фотоволтаици, полупроводници, батериски ланци и специјални легури.

Европа гледа и кон Балканот

Комплетната слика на ЕУ не завршува на нејзините граници. Во регионалните дебати се споменуваат потенцијалите на Балканот, особено бакарот и сродните метали, како логично продолжение на европските синџири на снабдување, доколку земјите од регионот успеат да обезбедат стабилна регулатива, транспарентни процедури и еколошки стандарди споредливи со европските.

ЕУ ќе бара од регионот појасни критериуми за тоа кои проекти се „стратешки“, јавни анализи на ризиците (еколошки, социјални, геополитички), и вградување на европските стандарди за транспарентност и учество на заедниците, особено во региони како Осогово, каде локалната економија е тесно поврзана со рудниците.

Ако досега беше индустрија што носи извоз и буџетски приходи, иднината на рударството е да стане активност што функционира во рамката на одржлив развој, на заштитата на животната средина и на фер односот кон заедниците.

Економија

Историски удар за германската автомобилска индустрија: Волксваген ја затвора фабриката во Дрезден

Германската автомобилска индустрија се соочува со сериозни предизвици откако Волксваген најави дека ќе ја запре производството во својата фабрика во Дрезден. Ова е прво затворање на фабрика во Германија во 88-годишната историја на компанијата, што означува историски момент за индустријата која долго време беше мотор на германската економија.

Причините за затворањето се поврзуваат со структурните промени во автомобилската индустрија, особено транзицијата кон електрични возила и потребата за намалување на трошоците. Од Волксваген соопштуваат дека ќе преземат мерки за поддршка на вработените, вклучително и понуди за пренасочување кон други објекти и програми за обука.

Експертите предупредуваат дека ова затворање може да има пошироки последици врз германската економија и добавувачите во автомобилскиот сектор, особено во регионот околу Дрезден. Автомобилската индустрија во Германија, која долго време беше симбол на технолошка извонредност и економска стабилност, сега се соочува со потреба од брзи адаптации за да остане конкурентна на глобалниот пазар.

Continue Reading

Економија

Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година. Поевтинуваат горивата од полноќ.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат. Поевтинуваат горивата за 2,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.

Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)

Continue Reading

Економија

Скопје добива авиолинии до Прага и Келн

Од Меѓународниот аеродром Скопје вечер во 19:25 ќе биде обновена линијата на Виз ер до Келн со четири лета неделно – секој понеделник, среда, петок и недела.

Оваа авиолинија е порака дека Македонија ги отвора вратите кон Европа и ја зацврстува поврзаноста со еден од најдинамичните региони, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на прес-конференција на скопскиот аеродром.

Таа нагласи дека секоја нова дестинација што им ја отвораме на граѓаните е нова можност – за подобра економска соработка, повеќе туристи, побрз развој на бизнисот и нови партнерства.

Тоа е и можност за поголема видливост на Македонија и посилно вклучување во европските економски и технолошки текови, додаде Божиновска, истакнувајќи дека на нејзина иницијатива повторно се воспоставува авиолинијата Скопје – Прага, која беше во функција од 2005 до 2012 година.

Неџат Курт, генерален директор на Виз ер, нагласи дека отворањето на рутата создава нови можности за патниците и поврзување на двата града, како и економска соработка, туризам, културни разменувања и развој на деловни врски.

Среќен сум што директната линија ќе ја направи Прага подостапна за македонските граѓани и компании и ќе им овозможи на чешките туристи и инвеститори полесно да ја откријат Македонија, рече Курт.

Андраш Радо, директор за комуникации во Виз ер, соопшти дека цената на билетот за летот Скопје – Прага во еден правец за јануари е 21 евро.

Посветени сме да имаме ниски цени и не се предвидуваат корекции, додаде Радо.

Според Курт, следната година се очекува раст од 20 проценти на авиосообраќајот од македонските аеродроми, со над 3,5 милиони патници.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг