Connect with us

Магазин

ПРВИТЕ ТЕЛЕФОНИ ВО СКОПЈЕ, тоа било револуција во животот

Во денешната ера на мобилната телефонија егзотично, но и поучно, дејствуваат податоците за првите телефони во Скопје. 

Таа приказна е толку интересна што треба повторно да потсетиме на неа, бидејќи е речиси комплетно заборавена.

Наједноставните индукторски телефонски апарати се користени уште во турскиот период, но и подоцна, по завршувањето на Првата светска војна, кога тие се усовршуваат, односно се заменуваат. 

Индукторските телефони се со поедноставена мануелна употреба и мини-централа од само 12 волти. Тие во Скопје се користени долго време, а во дваесеттите години на минатиот век е воведен нов ЦБ-систем во телефонската комуникација (кратенка од централна батерија). 

Овој телефонски апарат немал бројченик, туку функционирал само со кревање на слушалката. Со кревањето на слушалката се јавувала телефонистка, која веднаш ве поврзувала со бројот што го барате. Бидејќи во Скопје тогаш немало многу телефонски корисници, поврзувањето најпрвин било со двоцифрени или трицифрени броеви: 12, 15, 113. Веднаш на линија сте го добивале бројот од корисникот што сте го барале.

Веќе кон средината на 30-те години од минатиот век била внесена вистинска револуција во телефонијата во Скопје. Во 1935/1936 година е инсталирана првата автоматска телефонска централа, (АТЦ). Таа била германска, произведена во „Сименс“. 

Иако била посовремена, во тоа време во Скопје немало многу телефони (капацитет од 400 броја). Нив главно ги користеле побогатите слоеви, луѓето од политиката и трговијата, но и болниците и војската. 

Со тој период од развитокот на телефонијата во градот е поврзан и еден куриозитет. Дали знаете кога е отворена првата јавна телефонска говорница во Скопје? Првата јавна говорница е отворена точно на 28 ноември 1936 година. 

Станува збор за две јавни телефонски говорници. Каде биле лоцирани? Првата се наоѓала на плоштадот, пред Стопанскиот дом, односно ресторанот „Метропол“. Втората говорница била во чаршијата, која тогаш особено била прометна. Говорницата била лоцирана точно пред влезот на „Капан-ан“.

Трагајќи по историјата на првите телефони во Скопје, сосема случајно открив еден запис што многу сликовито зборува како некои од скопјаните тогаш го нарекувале телефонот. Самото име „телефон“ не било многу фреквентно, па затоа често доаѓало и до неговото искривување при изговорот и до различни комични ситуации.

Имено, еден од ретките сопственици на телефонски апарат во периодот меѓу двете светски војни, поточно во 1935 година, бил Беќир-ефенди, еден од познатите браќа Шабан-паша. Тие биле меѓу најбогатите скопјани, а нивната мелница се наоѓала на реката Вардар, под Калето, кај електродистрибуција.

Еден новинар дошол да направи репортажа за мелницата и за браќата, ако сето тоа функционирало во Скопје. 

Среде разговорот, влегол еден од вработените и му се обратил на газдата со зборовите: „Беќир-ефенди, тилифон“. Со тоа го известил дека итно го бараат на телефонскиот апарат. Беќир-ефенди веднаш слегол во долните простории за да се јави на „тилифон“.

По Втората светска војна, сименсовата автоматска АТЦ, во 1948 година, била заменета со унгарската „ротари“ како понова и посовршена. Според некои податоци, старата централа ѝ била подарена на Тирана, Албанија. Новата автоматска централа овозможувала на почетокот од 3.000 до 4.000 приклучоци, а бројката постојано се зголемувала. 

Во скопскиот земјотрес таа е оштетена, а веќе во 1964 година е заменета со автоматската централа „Искра“ од Крањ. Томе Николовски, некогашен управник на телефонската мрежа и централа во Скопје, своевремено ми раскажуваше за пресвртните мигови во телефонијата во градот. 

Во тие години по земјотресот се отворени можности за нови приклучоци, со што се остварија дамнешните желби на многумина жители да дојдат до телефонска линија. Со отворањето на новата пошта, направена е и децентрализација, со што повеќето населби или делови од Скопје ги користат услугите од автоматски централи (Ѓорче Петров, Маџари, Чаир) што работат како една. Николовски велеше дека и во меѓународните линии се следени истите современи трансформации во телефонијата. 

Подоцна, електронските централи и компјутерските системи доведуваат до најсовремените телекомуникациски трендови и фаќање чекор со светот. Многумина скопјани се сеќаваат на времето по земјотресот и првите вселувања во новите населби, веќе во почетокот на 1964 година. Треба да се каже дека пред земјотресот малкумина имаа телефонски апарати и приклучоци, а првпат добија телефони токму во тие нови населби.

И тие се сметаат за први телефони. Телефоните станаа хит (и насушна потреба), иако во еден период сето тоа беше по изгор цени, на кои се сеќаваме и денес. Не треба да заборавиме дека телефонијата е дел од општата историја на поштите во Скопје и во Македонија.

Тоа е традиција што е многу богата. Таа особено се интензивира со поштенските кочии уште од Наполеоновото време, кога тие крстосуваат низ Скопје во почетокот на 19 век. Првата пошта и телеграфана во Скопје е отворена во 1899 година, но, според многуте патописци, некои од поштенските услуги функционирале и порано, во високите државни установи на администрацијата, во седиштето на скопскиот валија или во општинската управа. Данило Коцевски

Извор: vecer.mk

Advertisement

Магазин

Galaxy A серија – телефоните што ги разбираат младите како совршен подарок за празниците

Новогодишните празници се време кога бараме подароци што имаат вистинска вредност – практични, модерни и создадени да траат. Токму тука настапува Samsung Galaxy A серијата, линија на паметни телефони што совршено ги разбираат младите, односно оние кои го преземаат светот – генерацијата З. Создадени за „зумерите“ кои живеат дигитално, креативно и брзо, серијата нуди уреди како Galaxy A26, A36 или A56 кои се идеален празничен подарок што носи технологија, стил и паметни функции по попристапна цена.

Паметна технологија за секојдневие

Новите генерации очекуваат телефон што размислува заедно со нив. Со Awesome Intelligence, Galaxy A серијата користи вештачка интелигенција за да се приспособи на навиките на корисникот – од подобри фотографии, до побрза и пофлуидна работа со апликации. Без разлика дали се работи за учење, работа, креативно создавање или забава, Galaxy A е подготвен за сè.

Камери за моменти што заслужуваат да се споделат

Празниците се создадени за спомени, а Galaxy A серијата знае колку се важни тие моменти. Со напредни камери и AI поддршка, фотографиите и видеата изгледаат одлично во секоја ситуација – од семејни прослави до спонтани моменти со пријателите. Ноќните фотографии, видеата и селфијата се јасни, живописни и подготвени за социјалните мрежи.

Стил, сигурност и достапност

Минималистичкиот дизајн, големите и живописни екрани и сигурната заштита со Samsung Knox ја прават Galaxy A серијата практичен и стилски избор. А најдоброто? Сето ова доаѓа по цена што е прифатлива за поширок круг корисници – совршено за празнично дарување без компромиси. И исто толку важно – серијата Galaxy А обезбедува 6 години ажурирања на оперативниот систем за долгорочна употреба и квалитет. А ако сакате да ги проверите или испробате функциите на Galaxy уред, тука е апликацијата Try Galaxy, која можете да ја преземете на вашиот постоечки телефон.

Оваа Нова година, подарете технологија што навистина значи нешто. Galaxy A серијата не е само телефон – тоа е подарок што ја разбира новата генерација и ги следи во секој чекор од нивната дигитална авантура.

Continue Reading

Магазин

Овие земји се светските шампиони во математика

matematika

Математиката одамна не е само училишен предмет – таа е тивката сила што ги движи модерните економии. Од технолошки иновации до анализа на податоци и продуктивност, земјите што инвестираат во силни математички вештини кај младите си обезбедуваат чекор предност во глобалната трка.

Најновите податоци од ПИСА 2022, истражувањето на ОЕЦД што ги оценува 15–16-годишните ученици, јасно ја покажуваат оваа нееднаквост. ПИСА не го мери само знаењето „на памет“, туку способноста математиката да се примени во реални, секојдневни ситуации – клучна вештина за 21 век. Резултатите се движат од под 400 до над 600 поени, додека просекот на ОЕЦД изнесува 472.

Источна Азија уште еднаш го потврдува својот статус на глобален лидер. Сингапур е убедливо на врвот со импресивни 575 поени, далеку над меѓународниот просек. Веднаш зад него се Макао, Тајван, Хонгконг, Јапонија и Јужна Кореја – земји кои со децении градат системи со строги наставни програми, високи очекувања и силна култура на академска дисциплина.

Европа не заостанува драматично, но ретко стигнува до самиот врв. Естонија се истакнува како европски шампион, а по неа следат Швајцарија и Холандија. Ирска, Белгија, Данска и Полска се движат околу или малку над границата од 500 поени – резултати што укажуваат на стабилни, но не и доминантни образовни системи.

Забележливо е отсуството на земји од Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка на оваа листа. Тоа не е случајност, туку сигнал за длабоки и долготрајни нееднаквости во пристапот до квалитетно образование. Додека едни региони ја градат иднината врз силна математичка писменост, други сè уште се борат да го фатат чекорот.

ПИСА 2022 уште еднаш испраќа јасна порака: инвестицијата во математиката не е трошок, туку стратегија за економска и општествена иднина. Земјите што тоа го разбираат – веќе ги гледаат резултатите.

Continue Reading

Магазин

„Лица“ – уметничка изложба на Ангел Коруновски за човекот во глобализираниот свет

Во изложбениот простор „Мала станица“ во Скопје, на 24.12.2025 во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Лица“ на ликовниот уметник Ангел Коруновски. Станува збор за серија дела што се фокусираат на човекот како поединец во современиот, глобализиран и често корумпиран општествен контекст.


Циклусот „Лица“ е инспириран од оние кои најчесто остануваат невидливи – анонимните, занемарените и замолчените луѓе што се движат низ бучавата на модерниот свет. Преку комбинација на колаж, гест, акција и апстракција, Коруновски создава визуелни прикази на човечко присуство кое опстојува под површината на секојдневните информации и медиумскиот шум.


Делата се изработени од слоеви искинати весници, симболи на масовните медиуми и глобалниот проток на вести, кои уметникот ги трансформира во лични и интимни приказни. Ознаките, дамките и експресивните потези функционираат како траги од емоции, отпор и преживување во системи што постојано ја потиснуваат индивидуалноста.
Прикажаните лица се фрагментирани, нецелосни и делумно замаглени – како одраз на борбата за видливост во свет што ја вреднува потрошувачката и конформизмот. Преку оваа тензија меѓу препознавањето и исчезнувањето, изложбата го отвора прашањето за идентитетот и човечноста во време кога тие сè почесто се условени од моќ, економија и спектакл.


„Лица“ претставува уметнички чин на емпатија и тивок бунт – визуелно сведоштво за луѓето кои се обидуваат да го зачуваат своето достоинство и човечност среде корупција и општествен хаос. Изложбата потсетува дека зад секоја вест и секој глобален наратив стои вистински човек и вистинска, често невидлива приказна.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг