Студентите имаат рок до 5 декември да се пријават за субвенциониран оброк

Министерството за образование и наука информира дека започна рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година, кој ќе трае до 5 декември.

Правото да аплицираат го имаат сите редовни додипломски студенти со месечен приход понизок од минималната нето плата, како и студентите на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјата.

Пријавувањето се одвива електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде студентите можат да ја поднесат својата апликација. Деталните услови и критериуми се објавени на веб-страницата на МОН, а за дополнителна поддршка студентите можат да пишат на e-mail адресата subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.

Од Министерството потсетуваат дека право на повторно аплицирање имаат и студентите на кои претходно им било прекинато користењето на субвенционираниот оброк, доколку сега ги исполнуваат условите. Рокот е отворен и за оние кои досега не аплицирале во ниту еден претходен циклус.