Connect with us

Балкан

Вучиќ со загрижувачки предупредувања за Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не ја разбира логиката на Соединетите Американски Држави во врска со санкциите врз Нафтената индустрија на Србија (НИС) и дека не очекува Вашингтон да ја промени својата одлука за издавање лиценца за увоз на сурова нафта. Без оваа лиценца, рафинеријата во Панчево може да престане со работа, предупреди Вучиќ.

Рафинеријата НИС, која е дел од рускиот енергетски сектор и под санкции на САД, остана без сурова нафта за преработка. Енергетските експерти предупредуваат дека прекинот на работата може да предизвика скап увоз на нафтени деривати и синџирно зголемување на цените и инфлација.

Од воведувањето на санкциите, американските власти постојано нагласуваат дека не сакаат руската сопственост во НИС и дека таа „мора да биде нула“. Претходно, Србија се потпираше на Хрватска за увоз на нафта преку нафтоводот Јанаф, но протокот преку оваа рута е исто така прекинат.

Вучиќ истакна дека санкциите се насочени кон исклучување на руското управување и сопственост, што според него „не е засновано на меѓународното право“. Тој додаде дека Србија има рок од 50 дена да најде нов купувач за НИС, а во меѓувреме се разгледуваат опции за промена на сопственоста, вклучително и понудата од унгарскиот МОЛ.

„Ние сме мала земја и не можеме да функционираме без нафта. Не ја разбирам логиката на Американците и затоа ја повикувам меѓународната заедница да ги разбере последиците од санкциите“, рече Вучиќ, додавајќи дека и покрај критиките од Вашингтон, Брисел и Москва, останува горд на својата позиција.

Advertisement

Балкан

Евростат: Албанија предводи во намалувањето на населението на Западен Балкан

Според најновите податоци на Евростат за населението на земјите-кандидатки за членство во ЕУ, Албанија бележи најголемо намалување на бројот на жители во регионот. Во 2025 година, официјалното население на земјата изнесувало 2.363.314, што претставува намалување од околу 27.628 лица во една година, или 1,2 проценти – речиси два до три пати повеќе од другите земји на Западен Балкан.

За споредба, намалувањето на населението во Македонија изнесува 0,2%, во Босна и Херцеговина 0,3%, во Србија 0,6%, а во Црна Гора 0,1%. Во просек, во другите четири земји-кандидатки населението се намалува за околу 0,3%, додека во Албанија ова намалување е речиси четирипати поголемо.

Главен фактор за брзото намалување е високата емиграција, особено кај лицата под 30 години, кои заминуваат за подобри плати и услови за работа во земјите од ЕУ. Албанскиот весник Монитор истакнува дека овој тренд се зголемил по либерализацијата на европскиот пазар на труд и потребата за работна сила во земји како Германија.

Паралелно со тоа, Албанија бележи и најниска стапка на наталитет во својата транзициска историја – околу 1,2 деца по жена во репродуктивна возраст, што е меѓу најниските во Европа. Младите парови го одложуваат основањето семејство поради економска несигурност, високи трошоци за одгледување деца и емиграција на дел од партнерите.

Овие податоци укажуваат дека Албанија се соочува со демографска криза која може да има долгорочни економски и социјални последици за земјата.

Continue Reading

Балкан

Евзони под постојани блокади: Патувањето кон Грција неизвесно поради протестите на земјоделците

Граничниот премин Евзони повторно е затворен за сообраќај во одредени периоди од денот поради продолжените блокади на грчките земјоделци, што создава сериозни проблеми за патниците и транспортните компании. Како и во изминатите денови, така и денеска, во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, сообраќајот беше целосно во прекин за влез и излез од Грција кон нашата земја.

На грчката страна на границата веќе 19 дена се стационирани над 300 трактори на земјоделци од областа Пеонија и од градот Јаница. Блокадите се спроведуваат секојдневно, а во последните денови главно во попладневните часови. За време на четиричасовните блокади, сообраќајот е прекинат за сите видови возила – патнички и товарни, со исклучок на итни случаи.

Според грчките медиуми, блокади се најавени и на граничниот премин Ники (Меџитлија), каде што товарните возила нема да можат да сообраќаат во период од 19 до 23 часот по локално време, додека за автомобилите прекинот ќе трае два часа, од 20 до 22 часот. Слични ограничувања има и на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, како и Кипи кон Турција, каде што блокадите се однесуваат исклучиво на камионскиот сообраќај.

Протестите не се ограничени само на граничните премини. Во централна Грција, кај Лариса, земјоделците планираат повремено затворање на споредни улици, додека автопатот Солун–Атина е затворен веќе 20 дена. Кај Солун, блокадата која досега беше само во правец кон Атина, од денеска ќе се прошири и во спротивниот правец и ќе трае најмалку пет дена.

И покрај пораките од земјоделците дека не сакаат да им создаваат проблеми на граѓаните за време на божиќните празници, тие најавуваат продолжување и заострување на протестите. На последниот состанок, со учество на претставници од над 50 блокади низ цела Грција, одлучено е активностите да продолжат, а уште еднаш е одбиен повикот од грчката Влада за дијалог.

Протестите започнаа на 30 ноември со над 60 блокади низ државата. Земјоделците бараат итна исплата на сите заостанати долгови од државата, гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство, намалување на производните трошоци, надомест на загубите за 2025 година, како и запирање на масовниот увоз и лажното прикажување на странски производи како домашни. Дополнително, тие бараат двојно зголемување на земјоделските пензии и целосно расчистување на скандалот со европските земјоделски субвенции, со враќање на средствата кај вистинските корисници и утврдување политичка и кривична одговорност.

Иако министерот за земјоделство на Грција, Костас Циарас, најави можност за нови мерки и упати повик за дијалог, земјоделците засега остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети.

Continue Reading

Балкан

Милијардите на зетот на Трамп се селат од Белград на остров во Албанија?

Проектот на Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, добил дозвола за изградба на островот Сазан во Албанија уште во декември 2024 година. Преддоговорот за закуп на островот е потпишан на 99 години, што му овозможува пристап до поранешната воена база на Енвер Хоџа.

Комплексот, со инвестиција над една милијарда долари, добил статус на „стратешки инвеститор под посебна постапка“, што значи дека државата Албанија ќе му помогне со добивање на дозволи и подготовка на земјиштето. Кушнер најавил дека проектот ќе вклучува луксузни објекти, но дел од островот ќе остане достапен за посетители. Албанскиот премиер Еди Рама го нарекол проектот „вода во пустина“, посочувајќи дека ќе донесе нов туристички живот.

Сепак, проектот предизвикува загриженост поради можни ризици од корупција и нетранспарентност. Економисти и познати публицисти во Албанија предупредуваат дека големите инвестиции во јавен имот без бизнис-план и студија за изводливост се алармантни.

Ситуацијата дополнително се комплицира со актуелните истраги на Специјалното обвинителство (СПАК) за корупција во Албанија, кои опфаќаат инфраструктурни проекти во Валона, вклучително и аеродромот кој треба да го користи идното одморалиште на Кушнер. Дел од соработниците на премиерот Еди Рама веќе се под обвинение, вклучувајќи ја и поранешната министерка за инфраструктура Белинда Балуку.

Медиумите како „Блумберг“ и „Гардијан“ истакнуваат дека инвестицијата би можела да предизвика политички тензија помеѓу администрацијата на Трамп и западните партнери, поради можен конфликт на интереси. Ричард Гренел, поранешниот специјален пратеник на Трамп, ја предложил инвестицијата, што се гледа како знак за политичка поддршка, но и потенцијален судир помеѓу дипломатијата и приватниот капитал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг