Тројца браќа од Израел доживеале редок и емотивен момент откако нивните сопруги родиле вкупно четири бебиња во еден ден. Среќниот настан се случил во вторник во медицинскиот центар „Мајанеи Хајешуа“ во Бнеи Брак, во близина на Тел Авив.
Бебињата се родиле во интервал од неколку часа, а меѓу нив има и пар близнаци, што значи дека семејството за еден ден добило четири нови членови.
Портпаролката на болницата за германската новинска агенција ДПА го опиша повторното обединување на тројцата браќа во породилното одделение како „посебен и изненадувачки момент“.
„Никаква статистика не можеше да нè подготви за овој уникатен момент. За миг застанавме, се насмевнавме и повторно бевме трогнати од магијата што се случува тука секој ден“, рече таа.
Медицинскиот центар „Мајанеи Хајешуа“ е познат по големиот обем на работа, особено со религиозната заедница во Бнеи Брак. Статистиките покажуваат дека стапката на фертилитет во Израел е 2,9 деца по жена, што е највисока меѓу земјите членки на ОЕЦД, нагласува ДПА.
