Русија утрово изведе масовен ракетен и дрон-напад врз повеќе украински градови, при што повредени се најмалку три лица во Киевската област.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека биле лансирани ракети и десетици дронови кон регионот на главниот град, поради што низ целата земја се огласија сирени за воздушна опасност. Напади беа регистрирани и во Лавовската област, додека руските сили дејствувале во повеќе последователни бранови.
Последната серија ракети била забележана непосредно пред 7 часот утрово, а експлозии одекнале во Полтава, Луцк, Одеса и Запорожје.
Гувернерот на Киевската област, Никола Калашник, информира дека 42-годишен маж бил повреден во Фастив, каде украинските железници пријавија „масовно гранатирање на железничката инфраструктура“. Во Вишгородската област биле повредени уште две жени на возраст од 46 и 40 години, од кои едната е хоспитализирана.
Градоначалникот на Луцк, Игор Пољишчук, соопшти дека биле зафатени од пожар повеќе складишта за храна.
Полска реагираше на ескалацијата – полското воено воздухопловство објави дека подигнало борбени авиони за заштита на својот воздушен простор за време на повеќечасовниот напад на западна Украина.
Овој напад следи по украинските операции изминатите денови, кога дронови погодија важни руски енергетски објекти, меѓу кои пристаништето Темрјук во Краснодар и рафинеријата во Сизран, пренесе „Киев Индепендент“.
