Божиновска: Св. Климент Охридски е темелот на нашата духовност, писменост и водилка на нашето образование

По повод големиот христијански празник посветен на Свети Климент Охридски, министерката Божиновска упати честитка, истакнувајќи го неговото огромно значење за македонската духовна, културна и образовна историја.

Во пораката, Божиновска потсетува дека го прославуваме творецот на прочуената Охридска книжевна школа, еден од најзначајните средновековни писатели, педагози и духовници, чие дело оставило длабок белег во развојот на словенската писменост.

„Свети Климент Охридски со својата неуморна просветителска работа, со своите дела и со својата посветеност стана заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет,“ истакнува министерката.

Таа додава дека наследството на Св. Климент и денес е темел врз кој се градат современото образование, духовност и културен идентитет, потсетувајќи дека неговата мисија продолжува да инспирира генерации ученици, наставници, научници и духовни водачи.

Министерката ја заврши честитката со порака за единство и напредок:

„Да го чуваме и надградуваме она што го создаде големиот просветител. Делото на Св. Климент нека нè води кон мудрост, знаење и човечност.“