Вучиќ предлага сите земји од Западен Балкан истовремено да влезат во ЕУ

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека единствена стратегија за стабилен Западен Балкан е сите кандидати од регионот да станат членки на Европската Унија истовремено. Изјавата ја даде на форумот „BELTALKS: Белградски економски разговори“, организиран од GLOBSEC.

„Ако прифатите еден, двајца или тројца од нас, што ќе правиме со останатите? Како ќе ги решиме отворените прашања? Дајте сите да се чувствуваме добро“, рече Вучиќ, додавајќи дека само Европа без внатрешни граници може да гарантира стабилност и напредок за народите во регионот.

Претседателот истакна дека со овој колективен пристап србите, Бошњаците, Албанците и Хрватите ќе се чувствуваат подобро и дека токму тоа ќе го пренесе на средбите во Брисел со Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.

Во врска со кризата околу Нафтената индустрија на Србија, Вучиќ наведе дека државата ќе ја штити својата економија и инвестициски рејтинг, наведувајќи три можни решенија, вклучително и интервенција на државата.

На крајот од говорот, Вучиќ предупреди дека светот се движи кон нова голема војна во следните осумнаесет месеци, но истакна дека Србија ќе продолжи да се однесува воздржано и одговорно, и покрај притисоците од соседите.