Connect with us

Македонија

Андоновски најави: Доаѓа единствениот електронски идентификациски број за сите граѓани

Иако технолошката основа постои, македонските институции функционираат како „засебни острови“ и го кочат дигиталниот развој на државата, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Скопје. На годишната конференција на Американската стопанска комора, тој отворено ја критикуваше администрацијата и најави радикални мерки за искористување на заспаниот потенцијал на Платформата за интероперабилност.

„Не се доволни 2,6 милиони трансакции месечно на оваа платформа, може и мора да има десет пати повеќе“, беше јасен Андоновски. И покрај огромниот раст од 274% во ноември 2024 година во споредба со просекот, министерот смета дека тоа е само почеток. Проблемот не е во ИТ-то, туку во менталитетот и однесувањето на институциите.

„Вчера од еден од покрупните директори слушнав ваква констатација – тоа е мој податок што го прибирам по мои закони и немам зошто да го споделувам со друга институција од друг сектор. Проблемот е системски во размислувањето на администрацијата.“

Во насока на поврзување на податоците и заштита на граѓаните, Андоновски откри дека вчера Владата ги прифатила измените на Законот за Централен регистар на население, со што се воведува единствен електронски број на граѓанинот.

Овој број ќе биде анонимизиран матичен број. Ќе биде реплициран и во единствениот даночен број за граѓаните. Целта е да се поврзат податоците за секој граѓанин без да се загрози неговата приватност.

Иако Платформата за интероперабилност е задолжителна за сите 400 државни институции, досега се приклучени само 78. Министерот вели дека ова мора да се промени.

За првпат, со законски измени се воведува инспекциски надзор и се формира сектор за контрола. Конечно се предвидени казни и санкции за институциите кои одбиваат да се приклучат и да разменуваат податоци. Се очекува наскоро да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите и адвокатите, како и приватните компании, кои сè уште се само десетина.

Андоновски истакна дека Македонија, за разлика од многу други држави, веќе ја има технолошката основа за комуникација меѓу институциите. „Има и поразвиени држави од нас кои ја немаат оваа платформа и за секоја услуга развиваат билатерални врски една со друга институција. Тоа кај нас е олеснето“, рече тој.

Министерството веќе работи на инсталирање на набавената нова хардверска инфраструктура за забрзување на размената и зголемување на безбедноста.

„Секоја нова електронска услуга нема да ја поддржуваме сè додека нема информација дека ја користи платформата во вистинска смисла.“

Најавени се и активности за дигитализација и приклучување на клучни регистри како Регистарот за адреси и новиот Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС) во Министерството за финансии.

Advertisement

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје

По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.

Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг