Можни промени во ставовите на ЕУ за Македонија: Шансата за компромис со Бугарија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го отвори прашањето за промена на заклучоците на ЕУ за Македонија и најави дека постои излезно решение за спорот со Бугарија. Сепак, таа со остар тон потсети дека одлуката не е во наши раце.

„Од наша призма можно е да се смени заклучокот, но одлуката не ја носиме ние. Точно е дека сме разговарале за излезни решенија,“ изјави претседателката по Меѓународниот форум „Глокализација 2.0“.

Сиљановска Давкова детектира значителна промена во реториката на највисоките претставници на ЕУ. Според неа, Брисел почнува да сфаќа дека се работи за опасен преседан кој може да се повторува.

„Мислам дека има промена во реториката, бидејќи не се работи само за еден преседан, туку за приказна што ќе се повторува доколку во стартот не се најде решение. Затоа јас предлагав некои излезни решенија,“ нагласи таа.

Претседателката испрати и директна критика кон придавката „француски предлог“, посочувајќи на парадокс:

„Честопати слушаме француски предлог. Не знам колку е добро да кажам, ама не одговара придавката бидејќи Франција е држава којашто ја нема потпишано ниту ратификувано Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. И сега да го користите предлогот за гарантирање на малцински права како француски не е во ред.“

Таа не ги амнестираше ниту домашните претставници, велејќи дека и нашиот дел од историската комисија учествувал во креирањето на заклучоците и решенијата.

Сиљановска Давкова ја отвори вратата за маневар: иако е тешко да се менуваат протоколи, таа гледа решение во интерпретацијата и изјавата за отворање на преговорите.

„Има можност со интерпретација. Мислам дека мора да ги тргнеме историјата, културата и јазикот од критериумите,“ категорична е претседателката.

Таа самоуверено тврди: Македонија има едни од најдобрите уставни гаранции за правата на малцинствата, вградени во Уставот и Рамковниот договор.

Критиката кон источниот сосед е најостра. Претседателката ја потенцира лицемерноста на барањата, наспроти сопственото однесување:

„Обично го барате од другиот она што вие го гарантирате. Ако вие не гарантирате имплементација на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, а се повикувате на заштита на човековите права, тогаш имате проблем,“ заклучи Сиљановска Давкова, префрлувајќи го центарот на вината кај Софија.