Пробиен претпоследниот тунел на пругата кон Бугарија: Напредок на делницата Бељаковце – Крива Паланка

Рано изутринава беше пробиен претпоследниот од вкупно 15 тунели на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка, која претставува втор дел од изградбата на пругата кон Бугарија. Овој чекор беше оценет како значаен исчекор во реализацијата на проектот, кој со години се соочува со бројни предизвици.

„Добро е кога на крајот од тунелот ќе се појави светло,“ изјави директорот на ЈП ЖРСМ – Инфраструктура, Синиша Ивановски, кој го истакна значењето на денешниот напредок.

Тој нагласи дека делницата е една од најкомплексните инфраструктурни точки во земјата, особено поради обемната и технички сложена изградба на тунелите.

„Градбата на оваа траса изобилува со предизвици, а еден од поголемите се пробивањето и градбата на тунелите. Прогресот на целиот проект не е на посакуваното ниво, но мора да се пофали изведувачот за успехот токму во овој сегмент,“ додаде Ивановски.

Тој изрази уверување дека постигнатиот напредок ќе биде мотив и за динамизирање на останатите делови од работите на трасата, додавајќи дека очекува наскоро да се бележат успеси и во другите сегменти од изградбата.