Проданоски оствари средба со британскиот амбасадор Лосон во Прилеп

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска оствари значајна протоколарна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Н.Е. Метју Лосон. На состанокот присуствуваа и претседателката на Советот на Општина Прилеп, како и пратениците од Прилеп во Собранието на Република Македонија.

Проданоски пред амбасадорот ја претстави моменталната состојба во општината, локалните потенцијали, унапредената бизнис клима, тековните и идните инфраструктурни инвестиции, како и поволностите што ги нуди Општина Прилеп за идните инвеститори. Тој нагласи дека Прилеп отсекогаш се гордее со својата традиција, вредности и квалитетот што може да го понуди на Европа.

Амбасадорот Лосон ја презентираше работата на Британската бизнис асоцијација, истакнувајќи ја јасната определба за зајакнување на деловните врски и подобра поврзаност меѓу компаниите – можност што отвора пат за нови инвестиции во регионот.

На средбата беше отворена и темата за Договорот за стратешко партнерство меѓу двете влади, чија реализација вклучува капитални проекти од огромно значење, меѓу кои и изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште. Овие инвестиции се очекува да донесат силен развоен импулс за Прилеп и поширокиот регион.

Проданоски порача дека општината продолжува да ги продлабочува билатералните односи и да работи на подобрување на условите за живот, развој и економски напредок на сите граѓани.