Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска престојуваше во Струмица, каде присуствуваше на свечената седница посветена на патроните на градот – Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици. За време на средбата со градоначалникот, тој ја нагласи заложбата за реализација на едно од клучните инфраструктурни ветувања: директно поврзување на Коридор 10 со бугарскиот Коридор Струма.
„По локалните избори воспоставивме интензивна комуникација со градоначалникот и новата администрација, што веќе дава резултати. Наш стратегиски приоритет е изградбата на експресниот пат од Смоквица, преку Валандово, Струмица и Ново Село, до граничниот премин со Бугарија“, изјави Николоски.
Според него, Јавното претпријатие за државни патишта го финализирало проектот за една од трасите, додека втората е при крај. Владата, како што додаде, активно работи на обезбедување средства за целосна реализација на овој важен инфраструктурен зафат.
Николоски најави и широка поддршка за Струмица, најавувајќи дека Владата стои зад 14 значајни инфраструктурни проекти во општината. Дел од нив се изградба на две поголеми улици, десет се во процедура за избор на изведувач, а два се реализираат преку Министерството за животна средина.
Тој најави и нов работен состанок со локалното раководство, на кој ќе се дефинираат приоритетите за следниот развоен период на општината.
