Connect with us

Економија

Божиновска од Белград: Гасниот интерконектор со Србија е клучен за енергетската стабилност на регионот

Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас во Министерството и раководните лица од Номагас, МЕМО и МЕПСО, престојуваше во Белград по покана на српската министерка за рударство и енергетика.

Дел од делегацијата беа и директорот на Номагас, г-дин Недим Рама, заменик директорот на МЕПСО, г-дин Александар Пауновски, директорот на МЕМО, г-дин Зоран Ѓеорѓиевски и раководителот на Секторот за нафта и гас при МЕРМС, г-дин Горан Николовски. Главниот фокус на посетата беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија – проект од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.

На работната средба беа разгледани клучните технички, финансиски и институционални чекори потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот. Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од околу 67 километри (23 km на територијата на Северна Македонија и 44 km во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји – на македонска страна со приклучување кај Клечовце, а во Србија со националната гасоводна мрежа во близина на Врање.

За финансирањето на интерконекторот има интерес и од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи претставува дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас.

Министерката Сања Божиновска истакна дека проектот напредува согласно утврдена и усогласена динамика меѓу двете работни групи . 

„Интерконекторот со Србија е клучниот проект што ќе ја отвори нашата земја кон нови извори на гас и ќе ја засили регионалната енергетска стабилност. Но ова е и една од најважните инфраструктурни врски за целиот регион – значајна не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Имаме завршени студии, усогласена рута и координирана акција која веќе се спроведува. Нашата цел е интерконекторот да стане реалност во најскоро време, затоа што секој ден е важен за сигурноста на граѓаните и економијата.“ истакна Божиновска.

Од своја страна, српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ, ја нагласи важноста на заедничката регионална визија:

„Гасниот интерконектор со Северна Македонија е проект што има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визија за регион кој е енергетски поврзан, стабилен и усогласен со европските цели. Соработката со министерката Божиновска и македонскиот тим е интензивна и конструктивна. Со поддршка од ‘Транспорт гас Србија’ и ‘Номагас’ ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Се согласивме на интензивни редовни средби, со цел интерконекторот да стане реалност во најскоро време.“

Очекуваната динамика и следните чекори

Двете делегации ја потврдија целосната посветеност за интензивна координација и навремено исполнување на сите обврски. Согласно усогласената динамика:

  • Изградбата на интерконекторот се очекува да биде завршена во текот на 2027 година.
  • Во 2028 година низ новиот гасовод се очекува да протече и првиот гас.
  • Интерконекторот е предвиден и да биде технички подготвен за идниот транспорт на водород, усогласено со долгогодишните европски енергетски цели и зелените политики.

На крајот од средбата, беше потврдена заедничката определба за силна институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија да стане функционална, модерна и безбедна енергетска врска која ќе обезбеди поголема сигурност, диверзификација и регионална интеграција, во интерес на граѓаните, економијата и целиот регион.

Економија

Најбарани професии во ЕУ – продажба, маркетинг и производство

Според податоците на Евростат за минатата година, најголема незадоволена побарувачка за работна сила во Европската унија имало во професиите поврзани со продажба, маркетинг и производство. Ова укажува на можни тешкотии за работодавачите при регрутирање на персонал во овие сектори.

Според експерименталната статистика, составена делумно преку податоци од онлајн огласи за работа, највисоки стапки на слободни работни места биле забележани кај работници во производство и помошни канцелариски работници, со стапка од 7,3% секое. Следуваат други работници во продажба со 6,1% и уметнички, културни и кулинарски соработници со 6%.

Дополнително, околу 5,8% од непополнетите позиции се однесувале на работници во транспорт и магацини, 5,7% на менаџери за малопродажба и големопродажба, 5,4% на агенти за бизнис и услуги, 5,2% на оператори на постројки и машини и 5% на инженерски професионалци, со исклучок на електротехничките профили.

Евростат истакнува дека иако здравствените работници и наставниците, како и други занимања во јавниот сектор, исто така може да се соочат со тешкотии при регрутирање, тие поретко се рекламираат онлајн, па затоа во податоците се рангирани пониско. Од друга страна, ИТ професиите може да бидат претставени со поголема застапеност во онлајн огласите за работа.

Continue Reading

Економија

Хрватска ги менува правилата за странски работници – еве колку дозволи има за Македонците

Хрватска воведува нови услови за вработување на странски државјани со цел подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и спречување на нелегалните практики. Измените на Законот за странци воведуваат построги здравствени критериуми и барање за познавање на хрватскиот јазик, информира ХРТ.

Граѓанин на трета земја, како Македонија, за прва дозвола за привремен престој ќе мора да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Исто така, познавањето на хрватскиот јазик се смета за основа за интеграција на странските работници, а државниот секретар Иван Видиш посочи дека и покрај кофинансираното учење јазици од Европскиот социјален фонд, интересот кај работниците е слаб.

Хрватска годинава издаде над 11.000 работни дозволи за граѓани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека во последните две години се создадени 100.000 нови работни места, а бројот на невработени паднал на 81.000, што го покажува ефектот од активната политика за вработување.

Министерот за труд Марин Пилетиќ додаде дека во земјата моментално има околу 140.000 странски работници, а измените на законот ќе го намалат бројот на нови дозволи, додека ќе се зголеми значењето на оние кои веќе се наоѓаат во Хрватска.

Претседателот на GSV, Иван Мишетиќ, посочи дека во наредните пет години ќе бидат потребни над 100.000 работници од странство поради планираниот раст и пензионирањата, бидејќи домашниот пазар не може да го задоволи овој раст.

Continue Reading

Економија

Од вечерва нова цена на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,60% во однос на одлуката од 18.12.2025 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,631%, кај дизелот за 4,633%, кај екстра лесното масло за 3,987% и кај мазутот зголемувањето е за 0,223%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1645%.

Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар);
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар);
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар);
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар);
– Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм).

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг