Двајца млади лица од Охрид се лишени од слобода по сериозен безбедносен инцидент што се случил на регионалниот пат Охрид–Струга, кога возач на патничко возило се обидел да избега од полициска контрола и двапати со автомобил се упатил директно кон полициски службеници.
Инцидентот се случил вчера околу 16 часот, кога припадници на криминалистичката полиција при СВР Охрид запреле патничко возило „поло“ со охридски регистарски таблички. Возилото го управувал Е.О. од Охрид, а во него се превезувале сопатниците А.А. (20) и Ј.Ј. (24).
Наместо да постапи по наредбата за запирање, возачот нагло ја зголемил брзината и го насочил возилото кон полициските службеници, по што избегал од местото на настанот. По преземени оперативни мерки, полициските екипи ги пронашле и привеле двајцата сопатници во селото Требеништа, во општина Дебрца.
Подоцна, на истата локација пристигнал и возачот Е.О., овојпат управувајќи возило „фолксваген туран“. Според полицијата, и во овој обид тој со голема брзина тргнал кон полициските службеници и повторно избегал.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат интензивни мерки за негово пронаоѓање, а по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени кривични пријави за кривични дела по членовите 215 и 383 од Кривичниот законик.
