Превртен чамец во реката Сава: Загинаа три лица при обид за нелегален премин во Хрватска

Три лица го загубија животот при превртување на чамец утрово на реката Сава, во близина на Славонски Брод, за време на обид за нелегален премин од Босна и Херцеговина во Хрватска. Во чамецот имало вкупно 14 странски државјани, потврди полицијата на прес-конференција.

Според официјалните информации, станува збор претежно за државјани на Кина, како и еден државјанин на Турција. Меѓу спасените е и државјанин на Босна и Херцеговина, кој веднаш бил приведен под сомнение дека бил вклучен во шверц на мигранти.

Еден маж се удавил на самото место, додека две жени им подлегнале на повредите во болница. Останатите патници се здобиле со полесни повреди и симптоми на хипотермија. Меѓу нив има шест мажи и седум жени, сите возрасни лица.

„Сите преживеани се под постојан надзор на медицинскиот персонал и полицијата. Третманот е во тек, а дополнителен предизвик претставуваат комуникациските бариери“, изјави директорот на болницата во Славонски Брод, Јосип Самарџиќ.

Полицијата соопшти дека на местото на настанот веднаш биле испратени патроли и служби за итна помош, кои успеале да извлечат 13 лица од студената вода на Сава, од кои едно без знаци на живот. Сите хипотермични лица биле пренесени и згрижени во болницата во Славонски Брод.

Во врска со трагедијата се истражува улогата на едно лице, државјанин на Босна и Херцеговина, кое моментално е хоспитализирано и се наоѓа под полициски надзор. Полицијата информира и дека продолжува потрагата по уште едно лице, откако неговиот пасош бил пронајден, а тоа лице не се наоѓа меѓу мигрантите кои биле донесени во болница.