Рекорд на пазарот на недвижности: Во Дубаи продаден пентхаус за над 127 милиони евра

Дубаи повторно ги помести границите на луксузот на глобалниот пазар на недвижности, откако беше продаден најскапиот пентхаус на Блискиот Исток за 550 милиони дирхами, што изнесува околу 150 милиони долари, односно 127,7 милиони евра. Ултралуксузната резиденција се наоѓа во комплексот „Бугати Резиденс“, пренесува агенцијата „Анадолу“.

Со оваа трансакција е поставен и рекорд по цена на квадратен метар во реонот Бизнис Беј, која достигнува околу 27.000 евра. Продажбата ја реализирал главниот директор за продажба на компанијата „Бингати“, Абдула Бингати.

Претседателот на „Бингати“, Мухамед Бингати, изјави дека компанијата годинава го предводи пазарот на недвижности во Дубаи, со повеќе од 14.000 продадени станбени единици, оставајќи ги зад себе и јавните и приватните конкуренти.

Тој посочи дека „Бингати“, како еден од најбрзорастечките инвеститори, веќе се вбројува меѓу трите водечки компании на пазарот, со значителен удел според податоците на Одделот за земјиште во Дубаи.

Продадениот пентхаус се простира на 4.385 квадратни метри и е дел од „Бугати Резиденс“ – првиот станбен проект во светот што го носи брендот „Бугати“. Комплексот веќе привлече и светски познати личности, меѓу кои фудбалерот Нејмар, тенорот Андреа Бочели и дефанзивецот Ајмерик Лапорт, кои купиле резиденции во рамките на проектот.

Сместен во срцето на Бизнис Беј, комплексот комбинира француски дизајн со современиот урбан дух на Дубаи и овозможува близина до клучните деловни зони и градски знаменитости. Резиденциите нудат висок степен на приватност, ексклузивни погодности и таканаречени „скај меншн“ пентхауси.

Од „Бингати“ оценуваат дека оваа рекордна продажба дополнително ја зацврстува позицијата на Дубаи како светски центар за ултралуксузни недвижности. Компанијата располага со портфолио од над 80 проекти, вредни повеќе од 70 милијарди дирхами, и соработува со глобални брендови како „Бугати“, „Мерцедес-Бенц“ и „Џејкоб и Ко.“, при што има кредитен рејтинг BB- од „Фич“ и Ba3 од „Мудис“.