Бања Лука ги заострува чекорите против загадувањето: новогодишните празници без огномет

Поради алармантното загадување на воздухот, градските власти во Бања Лука најавија нов сет поригорозни мерки, меѓу кои и одлуката годинава да нема новогодишен огномет. Градоначалникот Драшко Станивуковиќ изјави дека ваквата одлука е донесена по консултации со стручни лица и дека сериозноста на состојбата бара решенија какви што досега не биле применети.

Како една од клучните мерки, Станивуковиќ го најави задолжителното поставување филтри на оџаците на сите индивидуални и колективни камини, кои во зимскиот период се меѓу најголемите извори на загадување. По утврдување на конечната цена, градот ќе разгледа можност за субвенционирање, со цел да се олесни имплементацијата на оваа обврска.

Покрај укинувањето на пиротехниката за време на празниците, градоначалникот апелираше и до граѓаните да се воздржат од индивидуална употреба на огномети и петарди. Воедно, најавено е воведување електрични автобуси, зголемување на субвенциите за јавен превоз и заострување на техничките прегледи на моторните возила, со цел да се намали сообраќајното загадување.

Градската управа ќе ги засили инспекциските контроли на сите потенцијални загадувачи, без исклучок, како и надзорот над емисиите на штетни гасови. Новиот пакет мерки ќе биде предложен на итна седница на Градското собрание.

Паралелно со тоа, Бања Лука продолжува со веќе започнатите зелени проекти, вклучувајќи изградба на зелени бариери и дрвореди, проширување на системот за централно греење, садење илјадници дрвја и развој на урбана мобилност преку велосипедски патеки, електрични велосипеди и подобрен јавен превоз.

Станивуковиќ посочи дека проблемот со загадувањето е дополнително усложнет поради географската положба на градот и нарушениот природен проток на воздух по изградбата на хидроцентралата во Бочац, но нагласи дека тоа не смее да биде изговор за неактивност.

„Чистиот воздух не е политичко, туку здравствено прашање. Бања Лука мора да стане град во кој може да се дише слободно, денес и во иднина“, порача градоначалникот, најавувајќи соработка со републичките институции за долгорочни и одржливи решенија.