Лидерите на Европската Унија постигнаа договор за одобрување на бескаматен заем од 90 милијарди евра за Украина, со кој на Киев му се обезбедува финансиска стабилност за наредните две години. Според договорот, кредитот ќе започне да се враќа дури откако Русија ќе исплати репарации за штетите предизвикани од инвазијата.
Одлуката се толкува како јасна политичка и финансиска порака дека трошокот за обновата на Украина на крајот ќе падне врз агресорот, додека Европа презема улога на гарант за функционирањето на украинската држава во услови на војна.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека договорот испраќа три јасни пораки: дека Русија не ги остварила своите цели, дека Европа останува цврсто со Украина и дека Москва мора да се врати на преговарачката маса. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека целта е постигнување праведен и траен мир, а средствата се наменети за покривање на најитните буџетски потреби на Киев.
Првичната идеја заемот директно да се финансира од замрзнатите руски средства беше изменета поради резервите на Белгија, каде што се чува најголемиот дел од тие пари. Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека средствата остануваат замрзнати и дека на крајот ќе бидат искористени за обнова на Украина, нагласувајќи дека никој во ЕУ не сака тие пари повторно да се вратат во Москва.
За да се обезбеди консензус, Словачка, Унгарија и Чешка беа изземени од каква било одговорност поврзана со отплатата на заемот, со што беше избегната можна блокада на одлуката.
Паралелно со европските финансиски чекори, САД интензивираат дипломатски активности. Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина побрзо да се движи кон мировен договор, предупредувајќи дека одложувањата носат огромни човечки загуби. Тој изјави дека секој месец гинат илјадници војници и дека постои опасност Русија да ја смени позицијата доколку процесот се развлекува.
Во рамки на таканаречениот ревидиран мировен план, викендов во Мајами се очекува средба меѓу претставници на администрацијата на Трамп и советник на рускиот претседател, по неодамнешните разговори на американските пратеници со украински и европски претставници во Берлин.