Терористички напад за време на прославата на празникот Ханука на Бонди Бич во Сиднеј, приведени двајца осомничени

Инцидент со пукање се случи на плажата Бонди во Сиднеј, за време на прослави по повод Ханука, при што полицијата приведе двајца осомничени, а безбедносната операција и натаму е во тек.

Според сведоци цитирани од The Sydney Morning Herald, биле слушнати десетици истрели, додека еден очевидец изјавил дека видел повеќе повредени лица и голема количина крв на местото на настанот. Засега нема официјална потврда за бројот на жртвите.

Првичните информации укажуваат дека пукањето се случило во текот на ханукашките свечености, објавија Daily Mail и The Jerusalem Post. Полицијата не соопшти детали за мотивите, ниту дали настанот се третира како терористички чин, истакнувајќи дека истрагата е во рана фаза.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе потврди дека станува збор за „сериозна безбедносна закана“ и апелираше до јавноста да ги следи упатствата на надлежните служби. На терен се распоредени засилени полициски сили, а дел од подрачјето околу Бонди Бич е обезбедено.